Дведецениското ветување за железничка линија Скопје-Софија
Македонија и Бугарија повторно поставија рок за меѓусебно железничко поврзување кое се најавува над две децении од повеќе влади во двете држави.
За осум до десет години, меѓу 2025 и 2027 година, треба да финишира изградбата на пругата од македонска страна која опфаќа три делници: Куманово-Бељаковце, Бељаковце-Крива Паланка и Крива Паланка- граничен премин Деве Баир, и од бугарска страна од Ѓуешево до македонската граница.
Динамизирање на активностите со Договорот за транспортна заедница
Железничката линија меѓу Скопје и Софија со којa се заокружува источниот дел од Коридорот осум е најголемиот проект што се реализира по потпишувањето на Договорот за траспортна заедница со кој беа одвоени 70 милиони евра за втората делница на оваа железница, на потегот од Бељаковце до Крива Паланка, во должина од 34 километри.
Од Министерството за транспорт и врски велат дека Владата на РМ е силно посветена на реализација на овој исклучително значаен проект. Во таа насока, потенцираат, беа и заложбите да се постигне заеднички договор со Владата на Бугарија преку потпишување на Меморандумот со кој и двете страни ќе се обврзат да ги изградат делниците што недостасуваат.
- Проблемот со експропријацијата за втората делница во добар дел е надминат и почнат е процес за претквалификација што е поврзано со одвоените 70 милиони евра со цел да ја забрзаме динимиката на работа. Основно е да се динамизира процесот со оглед дека третата делница за пругата од Крива Паланка до Бугарија, е најкомплицирана и најскапа иако е со најмалку километри, изјави македонскиот министер за транспорт и врски Горан Сугарески.
Како што порача еврокомесарката за транспорт Виолета Булц на неодамнешниот бизнис САМИТ 100 во Скопје, меѓуграничното транспортно поврзување е приоритет.
- Железницата е најдобар начин да се оди напред, бидејќи во истовреме ги испорачувате барањата за меѓусебно усогласување за класичниот патен транспорт. Мило ми е што железницата е клучен приоритет, изјави Булц.
Пораки за важноста и посветеноста на железничкиот инфраструктурен проект упатија и на средба во јуни годинава министрите за транспорт на Македонија и на Бугарија Горан Сугарески и Ивајло Московски. Железничката врска од Софија до Скопје е од суштествено значење за слободен проток на патници и стоки, поради што изградбата на пругата е приоритет, оценија по средбата Сугарески и Московски.
Изградбата на пругата во Македонија е почната во 1994 година. За таа намена се одвојувани пари од државниот Буџет се до 2004 година, кога беше стопирана изградбата. По речиси децениски застој на градежните работи, во март 2014 година почна обновата на изградените тунели и мостови и градба на новите делови согласно проектот.
Нерешана експропријација и археолошки наоѓалишта ја забавуваат изградбата
Сега на терен во тек е изградба на првата делница од Куманово до Бељаковце (30,8 километри) но, според ресорното Министерство, со помал интензитет. Таму се појавени проблеми од типот на нерешена експропријација и археолошки наоѓалишта и во тек е нивно надминување. Реализирани се 25 проценти од градежните работи. За оваа делница веќе се обезбедени 43,5 милиони евра. Активностите на терен опфаќаат рехабилитација и доизградба на горниот и на долниот строј на пругата. Предвидена е изградба на три странични згради, четири стојалишта, три мостови, една тунелска цевка, осум подвозници и шест надвозници, пет километри станични колосеци, пристапни патишта со новопроектираните подвозници и надвозници, сигнализација и телекомуникации, електрификација и сета неопходна инфраструктура.
За Бељаковце - Крива Паланка до крајот на годинава избор на изведувач на градежните работи
За делницата Бељаковце-Крива Паланка, во должина од 34 километри, во тек е изработка на основните проекти. Според најавата од Министерството за транспорт и врски, рокот за нивна изработка е до крајот на оваа година по што треба да се спроведе тендерска постапка за избор на изведувач. Очекуваниот рок за изградба на оваа делница, според ресорното Министерство, е крајот на 2021 година. За финасирање на втората фаза од оваа пруга Македонија доби заем од Европската банка за обнова и развој, во висина од 145 милиони евра. На Самитот во Трст што се одржа годинава, Владата успеа да обезбеди грант од ЕУ во висина од 70 милиони евра, кои ќе се користат за изградба на оваа делница, а износот од заемот ќе се намали во висина од овие грант средства од ЕУ.
Геодетско снимање за најскапата делница Крива Паланка-Деве Баир
Последната делница, Крива Паланка–Деве Баир, е најскапа и најкомплицирана за изградба, иако е најкратка, 24 километри. За неа е почнато геодетско снимање на терен. Вредноста за изградба се проценува на повеќе од 350 милиони евра. Досега преку Оперативата ИПА програма 2014-2020 се обезбедени 60 милиони евра, а според Министерството за транспорт останатите ќе бидат обезбедени преку меѓународни финансиски институции кои имаат пројавено интерес за нејзино финансирање. Плановите се изградбата да започне во 2020 година, а да заврши во 2025 година.
За делот од пругата на бугарска страна, пак, треба да се изврши модернизација на пругата од Софија до Ѓуешево, како и доизградба на 2,5 километри од Ѓуешево до македонската граница, за што се обезбедени пари. Според бугарските медиуми, наскоро треба да почне постапката за избор на проектанти за железницата од Радомир преку Ќустендил до Ѓуешево. Целосно новата железничка линија од Радомир до границата со Македонија би чинела 473 милиони евра.
На новата железничка траса што треба да го забрза протокот на патници и стока на Коридорот осум, во македонскиот дел поради комплицираноста на теренот се најавува дека ќе се вози со брзина од околу 100 километри на час, а од бугарска до 160.
Ново на Сител
-
30 години информативна редакција на Сител
-
30 години информативна редакција на Сител со Драган Антоновски
-
30 години информативна редакција на Сител со Борјан Јовановски
-
30 години информативна редакција на Сител со Јадранка Костова
-
Војната во 2001-та вистински предизвик за известување за младата редакција на Сител
-
Информативната редакција на Сител со Марјан Ѓуровски
-
Информативната редакција на Сител со Јасминка Аневска
-
Тема на денот со Тимчо Муцунски, министер за надворешни работи и надворешна трговија