Свет
1. March 2017 - 12:09

Две експлозии во Кабул, талибанците соопштија дека нападнале три мети

Најмалку едно лице загина, 35 се повредени во денешните напади во авганистанската престолнина Кабул, соопшти авганистанското Министерство за јавно здравство.

Одговорноста за нападите ја презедоа талибанците, кои соопштија дека предизвикале тешки загуби. Исламистичкото движење често претерува кога го соопштува бројот на убиените при нивните напади.

Еден човек е убиен при нападот врз зградата на авганистанското разузнавање во источно предградие на Кабул. 35 лица се повредени во нападот врз полициската станица во западниот дел на авганистанската престолнина.

Најмалку две експлозии одекнаа утрово во Кабул. Талибанците објавија дека нападнале три мети го авганистанскиот главен град и предизвикале тешки загуби. 

Првата моќна експлозија одекна близу до зградата на авганистанскиот Парламент, Министерствата и Американскиот Универзитет. Таа била проследена со истрели, јави ДПА, повикувајќи се на изјавите од очевидците. 

Локалната телевизија „1-Ти Ви њуз“ јави дека бомбаш-самоубиец се разнел во близина на Артилериското училиште. 

Повредени се шест лица, меѓу кои и еден полицаец, јави ТАСС. 

Претставник на авганистанското Министерство за внатрешни работи изјави дека бомбашот-самоубиец се разнел пред полициска станица во западниот дел на Кабул. 

Во тек е престрелка меѓу авганистанската полиција и нејасен број на вооружени напаѓачи. 

Друг бомбаш-самоубиец се разнел во источниот дел на Кабул. 

Извор од авганистанското Министерство за внатрешни работи наведе дека мета на овој напад е зградата на разузнавачката служба. 

Талибанците соопштија дека го нападнале објектот на службата за разузнавање, полициска зграда и воен центар и дека причиниле тешки штети.