Македонија
11. September 2020 - 16:42

Две дечиња со температура предизвикале паника во скопски градинки

Две деца од скопски градинки завршиле во собите за изолација поради зголемена температура. За среќа, од скопскиот Центар за јавно здравје велат дека било лажен аларм и немале Ковид-19. Примената на алгоритмот за сомнителен случај резултирал со негативен корона тест. За разлика од детските установи, епидемиолозите предупредуваат дека последната недела е зголемен бројот на позитивни случаи во државата како последица на журките, летните одмори и концертите.

- Последната недела за 20 проценти е зголемен бројот на позитивни случаи. Тоа секако е последица на концерти во Хераклеа, журки во Струмица, враќањето од летни одмори од Албанија, таа е високо ризична земја. Гледајте, Грција добро се држеше но сега има големо зголемување на заразени, вели др. Александар Стојанов директор на Центар за јавно здравје Скопје.

Доктор Стојанов вели дека не може да предвидат дали ќе има тренд на зголемување на бројот на заразени во месеците што доаѓаат. Како член на Комисијата за заразни болести најтешка им била одлуката за отворање на градинките и училиштата, но смета дека некој ризик мора да се преземе. Овој период додека чекаат во светот да биде призведена вакцина против Ковид-19, ќе се фокусираат на имунизацијата против сезонски грип.

- Ќе има бесплатна за ризичните групи и ние ќе набавиме комерцијална, 4000 дози. На 20 септември отворање на понудите и кон крајот на отктомври ќе ги имаме и вакцините. Јас верувам во тоа, овие 40 години колку што работам, тоа се 80 проценти луќе кои еднаш се вакцинирале виделе бенефит и сега секоја година се заштитуваат против грип, вели Стојанов.

Здравствените власти за оваа сезона најавија двојно повеќе вакцини против грип. Од министерството за здравство велат дека ќе набават 40 000 дози на бесплатни вакцини.