Свет
6. March 2018 - 14:36

Двајца британски полицајци хоспитализирани по престој на местото на кое беше затруен рускиот шпион

Двајца британски полициајци биле хоспитализирани со лесни симптоми на труење, откако биле на местото каде во неделата во бессознание беа пронајдени поранешниот руски двоен шпион Сергеј Скрипал и неговата ќерка, соопшти денеска претставник на Скотланд јард.

Истиот извор во изјава за Би-Би-Си наведува дека по укажаната медицинска помош, двајцата полицијаци биле пуштени на домашно лекување. 

Шеесет и шестгодишниот Скрипал и неговата 33-годишна ќерка Јулија во неделата беа пронајдени во бессознание на клупа во трговски центар во англискиот град Салисбери, откако биле изложени на „непозната материја“.

Британската полиција информира дека Скрипал и неговата ќерка се во критична сотојба и се наоѓаат на интензивна нега. додавајќи дека е можно да станува збор за „државна закана“.

Скрипал е пензиониран полковник на руската воена разузнавачка служба ГРУ. Тој во 2006 година во Русија беше осуден на 13 години затвор под обвинение за шпионажа во корист на Велика Британија. Во 2010 година беше разменет за руски шпиони, по што доби азил во Велика Британија.

Во првата реакција, Кремљ соопшти дека е подготвен да соработува, доколку Велика Британија побара помош во истрагата за оваа „трагична ситуација“.

Ова е втор случај на труење на поранешен руски агент во Велика Британија. Во 2006 година на 43-годишна возраст во Лондон почина поранешниот руски разузнувач Александар Литвиненко, откако беше затруен со радиоактивен полониум. Литвиненко пребега од Русија во Велика Британија, по што стана еден од главните критичар на Кремљ.

Британските власти за смртта на Литвиненко ги обвинија Русите, Андреј Луговој и Димитриј Ковтун, кои ги отфраат обвинувањата и негираат дека го убиле.