Македонија
2. November 2015 - 12:18

„Дуке и пријателите“ - концерт во арената „Метрополис“ на 20 февруари

Композиторот, пијанист и продуцент со светско реноме Дуке Бојаџиев на 20 февруари во арената „Метрополис“ во Скопје ќе одржи концерт насловен „Дуке и пријателите“. Концертот ќе биде прв голем проект на Авалон продукција во 2016 година.

Продукцијата најави дека тоа ќе биде најголем концерт во досегашната кариера на Дуке, кој ќе настапи со неговите пријатели и соработници: пејачките Каролина Гочева и Тања Царовска, актерот Никола Ристановски, кларинетистот Исмаил Лумановски и перкусионистот Матијас Кунзли - сите придружувани од камерен оркестар.

- Ова ќе биде прв концерт на Дуке Бојаџиев по успешното претставување во престижната концертна сала „Карнеги хол“ во Њујорк, каде настапи со Камерниот оркестар на Македонската филхармонија, а на кој специјална гостинка беше Каролина, соопшти Авалон продукција. Детали за билетите за концертот на Бојаџиев, организаторот ќе објави на 18-ти овој месец. 

Дуке Бојаџиев долго време живее и твори во центарот на светската култура, Њујорк, меѓутоа своите најнови проекти континуирано ги промовира и пред домашната музичка сцена, пред својата публика. Автор е на филмска, електронска и акустична музика со западноевропски музички израз и стил во која може да се почувствува духот на македонската традиција.

Соработувал со оскаровците Џонатан Деми и Данис Тановиќ, како и со македонскиот режисер Столе Попов за неговиот последен филм „До балчак“. Музиката на Дуке е користена за светски кампањи на познатите брендови „Пежо“, „Ланком“ и „Лореал“, но и на разни светски музички компилации како „Буда Бар“ и „Маракеш Експрес“.