Македонија
8. November 2023 - 16:32

ДУИ се огради од секаква одговорност за музејот

ДУИ се огради од секаква одговорност за музејот во Сопот- министерот бујар Османи, вели биле поканети само како гости,  а според него станува збор за семејно земјиште каде се чува споменот на загинатите селани од Сопот во 44тата, а не за музеј на УЧК. Според видео снимките пак, на одбележување на годишнината овој викенд, во внатрешноста на музејот доминираа фотографии од борци на УЧК и знамето, но и на самиот Ахмети во унифома.

Меморијалниот центар во Сопот, кумановско постои со години, а според архивските видео материјали камен темелник е поставен уште во 2007 година. Ова се снимки од обележувањето на годишнината и во 2022 и во 2021 година. Објектот постои на истото место и секоја година соселаните но и од албанските политички партии оддаваат почит на загинатите во 1944 година.

Но овој викенд овој објект стана спорен откако на влезот на музејот беше поставена мермерна плоча со знамето на Голема Албанија, која по реакциите, вчера беше отстранета.

Инспекциските служби од општина Куманово дури оваа недела утврдиле дека станува збор за дивоградба и дека музејот е изграден на државно земјоделско земјиште. Но кој е градителот на меморијалниот центар никој не знае. Податоците од катастарот покажуваат дека катсатраската парцела број 963 е државно земјиште и се води како пасиште, но објектoт не е заведен како посебна градба на парцелата.

Се поставува прашањето како со години никој не забележал кога се градел овој објект без дозвола?

Градоначалникот на Куманово, Димитриевски во вчерашната изјава за Сител кажа дека немаат сознанија кога е изграден меморијалниот центар, бидејќи селото Сопот е одалечено десетици километри од Куманово. Но во 2018 година им стигнало до општината барање за легализација на меморијалниот центар. Денеска не сакаше да дава изјави за да не ја попречува истрагата.

Во записникот на инспекциските служби, во кој увид имаше Сител, поради тоа што не можеле да го најдат инвеститорот стои дека постапката се води кон Непознато лице. Но кај објектот при инспекцискиот надзор, било присутно лице кое им изјавило на градежните инспектори дека меморијалниот центар е изграден со донација на жители од село Сопот, с. Липково, Куманово и други лица кои живеат во странство.

Од општина Куманово најавија кривична пријава против оној што го изградил музејот, а не се исклучува и опцијата да биде урнат.