Македонија
4. September 2019 - 19:19

ДУИ го свика Централното претседателство

Поддршката од пратениците на ДУИ за предлогот за разрешување на Катица Јанева е една од темите кои денеска се на маса на редовната седницата на Централното претседателство на ДУИ во Мала речица.

Највисокото тело на владејачката партија разговара за тоа како ќе се позиционира во преговорите кои за новиот закон за јавното обвинителство ги водат ВМРО-ДПМНЕ и СДСМ.

Ставот на највисокото партиско тело е дека нема план Б за ова законско решение и дека е време најголемите партии од македонскиот политички блок да најдат компромис.

Интегративците анализираат како последните коруптивни афери ќе се одразат на пристапувањето кон НАТО и Европската унија.

Во ДУИ остануваат на ставот дека предвремени избори до крајот на оваа година не треба да има и дека најдобро време за соочување со граѓаните е периодот меѓу идната пролет и есента.

Покрај анализата на актуелната политичка ситуација, од ДУИ велат дека од денеска почнуваат и со подготовки за претстојниот партиски конгрес на кој партијата ќе избира ново раководство и ќе ја објави новата партиска програма.