Македонија
9. February 2021 - 17:01

ДСЗИ во инспекциски надзор на Битолската болница

Инспектори на Државниот санитарен и здравствен инспекторат денеска вршат вонреден инспекциски надзор во битолската болница, откако вчера беше обелоденет случајот со двајца гинеколози кои дозволиле невработен доктор, да изврши породување со царски рез врз родилка. Директорката на Државниот санитарен и здравствен инспекторат, д-р Бухова рече дека надзорот е во тек, а јавноста ќе биде информирана после завршување на истиот. Министерот Филипче запрашан за случајот рече дека ќе го почека извештајот, а директорката на болницата го информирала минатата недела. 

-Денеска на увид се инспектори од Државниот инспекторат, чекаме да видиме што е наодот, да почекаме извештајот, потоа ќе носиме одлуки, да почекаме да го видиме извештајот, други институции веќе преземаат други чекори. Не сум го слушнал д-р Чакаровски, немав контакт со ова прашање, ме информираше директорката дека има ваков случај минатата недела, вчера беше во медиумите, сепак ќе го чекам офиоцијалниот извештај од надзорот, изјави денеска министерот за здравство, Венко Филипче.

Од ВМРО ДПМНЕ пак, побараа одговорност од Филипче.

- Дали Филипче бил запознаен со овој случај чие дејствие се случило на први јануари 2021 година и дали вешто се обидувал да го премолчи? Операцијата која е извршена од лажниот гинеколог е доказ за разрушениот здравствен систем. Лажниот гинеколог од битолската болница, не само што влегол во операциона сала, туку извршил и операционен зафат, а при тоа никој не го спречил. Целиот систем на чело со Филипче затаил, а одговорност мора да има по вертикала до Филипче. За да биде ситуацијата уште посериозна, медиумите информираат дека станува збор за поранешен заменик министер, а потоа и национален координатор за здравство во Владата на СДСМ. Дали ова е се што треба да знаеме за кадарот со кој располага СДСМ, истакна на прес-конференција, Марија Митева од ВМРО ДПМНЕ.   

Битолската полиција вчера поднесе кривични пријави за двајцата гинеколози и докторката од Србија, сопруга на еден од докторите која на 1-ви јануари оваа година, неовластено, иако невработена, извршила породување со царски рез врз родилка во битолската болница. Директорката на Клиничката болница, Билјана Гагачовска рече дека пријавата ја добила на 15 јануари, по што била покрената дисциплинска постапка, а двајцата гинеколози се суспендирани. Таа истакна дека после завршувањето на постапката и добивањето предлог за изрекување на казна, ќе бидат изречени соодветни мерки на казна кон вработените.