ДСЗИ покрена постапка по смртта на 17 годишната пациентка на Инфективна
Има ли пропусти во медицинскиот третман на малолетничката од демирхисарско која вчера почина на Инфективна поради компликации од Ковид-19? Државниот санитарен и здравствен инспекторат уште од вчера попладне почнал со вонредниот надзор за смртта на 17 годишната пациентка.
Надзорот ќе го опфати целокупното лекување на пациентката кај матичниот лекар и во клиничката болница во Битола, потврдија за Сител од ДСЗИ.
Младата пациентка на Инфективна била хоспитализирана во многу тешка состојба, 9 дена по појавата на првите симптоми. Со Брза Помош ја транспортирале од битолската болница каде престојувала само еден ден, но поради ниската сатурација и влошената состојба итно била префрлена на скопските клиники. Починатата девојка имала дијабет.
- Јувенилен дијабет тип еден е сериозно заболување кое прави проблеми на сите органи. Знаеме дека шеќерната болест е тивок убиец, вели др. Милена Стевановиќ директор на Клиниката за инфентивни болести.
Пациентката од демирхисарско е третата малолетна жртва на Ковид-19 во земјата. Претходно од вирусот починаа и 15 годишна девојка од тетовско и двегодишно дете на Детска хирургија кое имало сериозни вродени болести но и позитивен тест на вирусот.
На Инфективна во моментот имаат хоспитализирано уште еден малолетен пациент со тешка клиничка слика на Ковид-19.
- Имаме 16 годишна девојка која покажува сериозна клиничка слика на вирусот. Засега немаме податоци за други болести согласно анамнестичките податоци, вели Стевановиќ.
Трите починати малолетни лица не биле вакцинирани против Ковид-19. Инаку според податоците од Министерството за здравство од 12-18 години прва доза примиле 10.450 деца а 9451 се ревакцинирани.
-
Сања Димитровска
Сите содржини од овој новинар