Државните институции бараат граѓаните да не одат по шалтери, услугите да ги бараат електронски или преку телефон
Дел од институциите ги затворија вратите за прием на странки во следните две недели, согласно препораките за заштита од вирусот корона. Шалтерите нема да работат во Паркинзи на Општина Центар, чии услуги граѓаните може да ги користат единствено по електронски пат. Истото го направи и Град Скопје во Секторот за финансиски прашања – Одделение за даноци, додека шалтерите во барака број 16 ќе продолжат со прием и издавање документи.
Некои јавни претпријатија, пак, ќе продолжат непрекинато да работат, но апелираат да се почитуваат мерките за заштита од вирусот корона.
Почнувајќи од утре, па во текот на следните две недели, ЈСП го укинува бесплатниот превоз за ученици, студенти и пензионери, а јавниот сообраќај ќе се одвива по редуциран возен ред. Оттаму велат дека веќе е намален бројот на нивни корисници, откако стапија во сила заштитните мерки. Информираат дека секојдневно ги дезинфицираат автобусите.
Редовна дезинфекција веќе две недели прават и од Комунална хигиена.
Од денеска затворена за посетители е и Зоолошката градина во Скопје.
Согласно препораките од Владата, одложени и откажани се театарски претстави и концерти, а во наредниот месец спортските натпревари ќе се играат без публика.
-
Мирјана Јовеска
Сите содржини од овој новинар