Македонија
15. January 2021 - 16:47

Државни патишта со најголема добивка, потребни ли се нови патарини!?

Државни патишта со годишен приход од 47 милиони евра е најпрофитабилно јавно претпријатие во државата. Ова го покажува анализата на центарот за граѓански комуникации направена за 30-тина државни и општински претпријатиа.. За невладината нејасно е зошто и покрај високата добивка, претпријатието воведува нови патарини.

„Јас да сум основач, би направила анализа и на таа добивка и како резултат на што настанала во смисла на тоа дали се исполнети сите обврски кон корисниците, особено таа нивна добивка би ја ставила во контекст на новата најава за наплата на патарините“, вели Сабина Факиќ, Центар за граѓански комуникации.

Локалните јавни претпријатија сметаат дека Државни патишта има огромна добивка бидејќи не ги исполнува обврските.

„Каналите околу регионалните патишта се обврска на тоа Јавно претпријатие и никогаш не ги чисти, па интервенира ЈКП Водовод и Канализација. Кога би ги чистело каналите, се разбира дека треба да вложат средства, опрема, да платат работници со што би направиле трошок па би ја намалиле добивката“, вели Емил Јанески, Директор на ЈКП Водовод и канализација – Прилеп.

Од „патишта“ тврдат дека добивката од 47 милиони евра е нерелевантна бидејќи во сумата било пресметано поефтинувањето на доларот за кинеските кредити.

„Курсот и малку да варира кај доларот, се менува и кредитната задолженост на нашата институција и од таму произлегуваат тие позитивни-негативни курсни разлики. Значи таа добвика која гледам на многу дискутанти им боде очи, од каде толкава добивка, толку ли пари имаат, произлегува од тоа“, вели Миле Куновски, ЈП Државни патишта.

Освен „патишта“, како најпрофитабилни се уште Мепсо и Државна лотарија.. Најголеми загубари пак се јавниот сервис, железницата, пошта, Комунална хигиена – Скопје.