Државна матура ќе се полага на 27ми мај - Вработените во ДИЦ го ставија штрајкот во мирување
Државна матура ќе има, штрајкот на вработените во Испитниот Центар е ставен во мирување. Велат дека ја одложиле борбата за повисоки плати во интерес на матурантите. Со обидот на министерот за образовние да внесе надворешни лица во процесот на државната матура, според нив, ќе се доведеше во прашање валидноста на тестирањето и резултатите од испитите.
Вашите досегашни обиди за решенија на проблемот, а со тоа и ветувањата кои им ги дадовте на матурантите во медиумите се спротивни на одредбите на Правилникот за процедури за тајноста на подготовката, пешатењето, дистрибуцијата, чувањето и оценувањето на испитниот материјал, донесен од министер за образование и наука од 31.3.2014 година.
Со Вашиот обид да реализирате матура без вклученост на вработените на ДИЦ, вие ќе бевте тој што ќе ги оштетеше матурантите! Се наведува до писмото од Синдикатот на ДИЦ.
Министерот за образование Шаќири го повтори својот став – државна матура мора да се полага на 27 мај, а ако е потребно ќе испратат кадар од Министерството.
„Од почетокот на штрајкот, мојот став е тој, дека не можеме секогаш да ги поврзуваме важните процеси, со некои барања. Тие да, ги поддржувам барањата, но пак мојот конечен став, е, дека државната матура ќе се полага на 27, кога што е предвидено според рокот“, рече министерот.
30- тина вработени во Државниот Испитен Центар три недели штрајкуваа, барајќи повисоки плати. Вчера вицепремиерот Битиќи им предложи зголемување од 2,000 денари на половината од нив, како и исплата на К 15.
Но предлогот беше одбиен. Инаку, според статистиката, државна матура по двата екстерни испити на 27 мај и 10 јуни ќе полагаат 15. 620 матуранти.
-
Наташа Мерсовска
Сите содржини од овој новинар