Бизнис
9. March 2022 - 16:34

Државата нема набавено контејнери од парите собрани преку продажбата на кеси

Пластичните кеси се исфрлени но, Македонија има уште многу работа за заштита на животната средина, вели ресорниот министер. Допрва треба да се усогласат стандардите со европските. Сè уште не се купени ни конетејнерите за селекција на отпад, кои треба да се платат од парите собрани од поскапувањето на кесите за пазарење.

„Ние употребуваме 7 пати помалку пластични кеси во нашата држава и тоа мислам дека е голем чекор напред во нашата држава. Тоа значи дека имаме стотина тони помалку пластика во нашите депонии и во нашата околина. И како што знаете, тие средства што ги имаме од таа идеја, ќе ги инвестираме во контејнери за селектирање на отпад, со што граѓаните ќе имаат можност да селектираат отпад“, вели министерот за животна средина Насер Нуредини.

Граѓаните исто така треба да покажат дека се одговорни кон животната средина, а не само Владата, вели шведската амбасадорка.

„Јас би ја нагласила важноста на дневните активности што ние како одговорни граѓани треба да ги преземеме. Тоа значи дека одговорноста е двострана, колку што се одговорни Владата и институциите, исто толку сме одговорни и ние како граѓани“, истакна шведската амбасадорка Кристин Форсгрен Бенгстон.

Денеска беше презентиран и проектот „Граѓански организации во акција за климатските промени“, финансиран од Шведска, чија цел е да се помогнат активностите на национално и локално ниво за заштита на животната средина и справувањето со климатските промени.