Државата ќе го решава проблемот на лицата без лични документи | Сител Телевизија
Македонија
22. March 2018 - 13:49

Државата ќе го решава проблемот на лицата без лични документи

Сите лица кои живеат на територија на Македонија, а не се запишани во матичните книги, односно немаат извод, ниту било какви лични документи и не можат да ги остварат своите права, од 1 април до 30 септември ќе можат да се јават до Управата за водење матични книги да побараат дополнително запишување. Во моментов има информации дека околу 550 лица имаат ваков проблем, а се очекува со процесот да бидат опфатени околу 3.000 лица. 

За да се реализира овој процес ќе се направат законски измени кои ќе го олеснат дополнителното запишување, а центрите за социјални работи, подрачните единици на Управата, како и невладините организации ќе помогнат ваквите лица да бидат евидентирани и да поднесат барања. 

- На ваков начин ќе се утврди точна бројка на досега неевидентирани лица кои се на територија на РМ, а со измените на законите тие ќе добијат право на привремен матичен број или привремен регистарски број за да можат да остварат социјални, здравствени и образовни права, за да нема деца и лица исклучени од системот. Исто така, подоцна ќе се даде можност тие да го добијат и својот прв матичен број, рече на денешната прес-конференција министерката за труд и социјална политика Мила Царовска. 

Најави дека ќе се направат измени на законите за вонпарнична постапка, за матична евиденција и за лични карти, живеалишта и престојувалишта. Со измените во Законот за вонпарничка постапка, рече Царовска, судот ќе може да донесе одлука за решавање на статусот на некое лице ако дотогаш матичарот не може да го утврди времето и местото на раѓање.

Во меѓувреме, рече, ќе се направат обуки за сите стручни лица кои работат во матичните служби, центрите за социјални работи, како и граѓанските организации со цел, како што посочи, да ги поддржат процесите, да ги информираат граѓаните да можат да си ги оставарат своите права.

Дирекрторот на Управата за водење матични книги Бујар Дарлишта рече дека на ваков начин ќе се овозможи целосна социјална инклузија на лицата кои досега биле на маргините на општеството и не ги уживале правата, поради тоа што нивните раѓања не се пријавени во матичната книга на родените и не можат да добијат прв извод на родени.

- Повикот ќе трае шест месеци, од 1 април до 30 септември 2018 година. Во овој период сите лица кои не се регистрирани или пак ги немаат регистрирано нивните деца во матичните книги да појдат во подрачните единици на Управата и да поднесат барање за дополнително запушување. Тоа важи за лица родени во домашни услови или во здравствени установи, но, нивните родители не го пријавиле раѓањето, рече тој.

Поддршка на овој процес ќе дадат и меѓународни организации кои ќе помогнат во теренските активности за лоцирање и информирање на овие лица, како и помош да дојдат до подрачните единици и да поднесат барање за дополнително запишување.