Државата да обезбеди пари за да ги покрива загубите на земјоделците
Земјоделците предлагаат нови мерки за националната програма за рурален развој. Една од нив е воведување на интервентен фонд за регулирање на пазарот. Во прво време фондот ќе располага со 6 милиони евра, средства кои ќе бидат употребени доколку дојде до драстичен пад на откупните цени на поедини земјоделски производи. Во тој случај разликата помеѓу откупната и реалната цена ќе ја субвенционира државата.
- На пример, ние сега бараме, бидејќи е ниска цената на јагнето, која е 140 денари, а треба да биде 220 денари, тоа значи дека околу 1500 денари по јагне треба државата да ги дотира. Ќе ги дотира од тој ново формиран фонд-изјави Ефтим Шаклев, претседател на Асоцијација на земјоделци на Р.М.
Реално е да се очекува дека во фондот ќе има пари доколку состојбата е критична само во поедини сектори, но доколку се повторат минатогодишните откупни цени кај сите житни култури, тогаш не ќе можат да бидат покриени сите загуби на земјоделците. Втора мерка е воведување на т.н. зелена нафта, чија практична имплементација ќе одземе време, зашто е потребно да помине на Влада, да се распише тендер и да се изнајде начин за правилна распределба.
- 50 % од цената на нафтата ќе се субвенционира. Меѓутоа нема сите култури да бидат подеднакво ставени во „ист кош“, туку ќе се направи план за која култура колку нафта се троши и таа количина се множи со 50 % од постоечката цена-додава Шаклев
Како трета новина, земјоделците бараат намалување на ДДВ од 18% на 5 % за ветеринарните лекови, но уште повеќе на ветеринарните услуги, зашто праксата покажала дека, тие се многу поскапи од медикаментите за домашните животни.
-
Трајан Ристовски
Сите содржини од овој новинар