Државата бара 41 милион евра преку издавање обврзници, опозицијата обвинува - Буџетот е празен
Државата бара над 40 милиони евра преку издавање обврзници. Понуди 3 и 15 годишни, а каматата која ќе им ја даде на инвеститорите се движи од 4,35 до 5,20%.
Македонската берза информира дека Министерството за финансии бара 2 милиони евра преку 3 годишните државни обврзници, скоро 33 милиони со 15 годишните, без девизна клаузула и 6 милиони евра со девизна клаузула.
Каматата за првите достигнува 5,20 отсто, додека за вторите 5% годишно. Номиналната вредност на една обврзница е 10 илјади денари. Купувачи на овие најмалку ризични хартии од вредност за кои гарантира државата, најчесто се банките и инвестициските друштва, но можат да ги купат и физичките лица, со посредство на брокер.
Додека министерката за финансии преку соопштение се фали дека буџетот е во одлична кондиција, опозицијата обвинува – државата е во колапс.
- Приходите во буџетот од почетокот на годината се прибираат согласно планот и со раст во споредба со претходната година. Истовремено и на расходната страна се исплаќаат обврските согласно планираното. Податоците за реализацијата на приходите упатуваат на одржување на тренд на стабилност и раст во економијата.
Исто така, извршена е исплата на над 800 милиони евра за стари долгови на странските пазари и 190 милиони на домашните кредитори, се наведува во соопштението од финансии.
СДСМ пак обвинува:
- Статистика за прикажување на успех, реалност на колапс - бајковита економија на Мицкоски. За две години Мицкоски нè задолжи за повеќе од 2,5 милијарди евра. Ова историјата не го памети. Буџетот е празен - затоа што тендер-патриотите веќе го потрошија. Растат приходите во буџетот, ама буџетот нема пари. Затоа се задолжуваат. Затоа излегуваат со обврзници. Затоа продаваат статистика додека фрижидерите се празни.
Инаку, ова задолжување е планирано во календарот на Mинистерството за финансии. Нова аукции на државни обврзници ќе има и средината на овој месец, кога ќе се баратаат 91 милион евра, и во септември – 33 милиони еврa. Последниот квартал пак, според објавата на финансии, ќе се одржат уште 8 аукции на државни записи.
-

Наташа Мерсовска
Сите содржини од овој новинар
