ДПМ организира поетска средба во родната куќа на Конески во Небрегово
„Во чест на Блаже Конески“ е насловена поетската средба која денеска напладне Друштвото на писателите на Македонија ќе ја организира во прилепското село Небрегово, во рамки на кампањата за ревитализација на родната куќа на големиот македонски поет, книжевен научник и лингвист.
На поетската средба, која доби поддршка од проектот на Министерството за култура „Нов културен бран“, ќе настапат 20 истакнати поети од различни генерации. Со своите стихови поетите на ДПМ ќе му оддадат почит на Блаже Конески, првиот претседател на македонската писателска асоцијација која годинава одбележува 70 години од своето формирање.
Манифестацијата во родната куќа на Блаже Конески во Небрегово ќе ја отвори претседателот на ДПМ Веле Смилевски, а ќе се обратат и писателот Милован Стефановски, во чиј мандат како претседател на ДПМ во 1998 беше поставена спомен-плоча на куќата на Конески, и проф. д-р Људмил Спасов, претседател на Советот за македонски јазик при Владата на Република Македонија.
- Друштвото на писателите на Македонија планира низа активности со цел спомен-куќата на Блаже Конески во селото Небрегово постојано да пулсира со книжевни средби, симпозиуми, литературни и јазички работилници за творци, љубители на литературата, ученици и студенти. За остварување на ваквата цел ДПМ ќе соработува со сите релевантни фактори, пред се со Филолошкиот факултет „Блаже Конески“ од Скопје, Институтот за македонска литература и Институтот за македонски јазик „Крсте Мисирков“, соопшти ДПМ.
Друштвото на писателите на Македонија секоја година ги одржува Деновите на Блаже Конески по повод неговиот роденден (19 декември 1921). Во рамки на оваа манифестација е и традиционалната „Средба на генерациите“ на која настапуваат поети, членови на ДПМ. Друштвото на писателите на Македонија ја востанови и наградата „Повелба Блаже Конески“ и нејзин прв добитник е поетот и академик Матеја Матевски.
Ново на Сител
-
30 години Сител со Борче Пауновски и Велика Атанасова - Наша Земја
-
30 години Сител со Весна Петрушевска - Вртелешка
-
30 години Сител со Тања Атанасовска - Бумбар
-
30 години Сител со Бошко Трпевски - Асовите бираат асови
-
30 години Сител со Мелита Ракичевиќ - Пет шоу
-
30 години Сител со Драган Павловиќ Латас
-
30 години Сител со Ивона Талевска - Боја на парите
-
Мицкоски бара нонпејперот на ЕУ да важи за целиот процес на преговори