Живот
8. July 2023 - 14:34

Дождот не успеа да ја прекине забавата на Златните денови во Кратово

Преполн плоштад и уличните патеки со калдрма низ чаршијата, во еден од најстарите градови во Македонија, летен ненајавен дожд и по некој чадор, распеана и весела публика, беше вчерашната слика на Кратово.

По повод Златните денови, Кратово ги отвори портите на илјадници посетители од цела држава и пошироко. Вчерашната ноќ беше посветена на спојот на македонската музика, започнувајќи со нотите на Кратовските тамбураши, кои со својот перформанс ја загреаа публиката, за потоа да ја предадат забавната палка на Етно составот Мелем, кои пак од своите инструменти навистина испуштаа мелем за душата на секој од публиката.

Вистинска експлозија на вечерта беа Мераклиите од Мерак Меана - Благица Павловска, Јордан Митев, Ленче и Горан Кукиќ, Елена Андоновска, Душко Георгиевски, Елена Јовческа, Оркестар Скопски Боеми, Браќа Нуне, кои повеќе од два часа успеаа да ја држат публиката развеселена на нозе и покрај летниот дожд.

Забавата траеше до раните утрински часови, со „кралот на ноќните забави“, Драган Темелков - Џони, какошто го најави и Лила Филиповска, водител на настанот.


Изведувачите покажаа дека постои совршената синергија на различни стилови, а со истата синергија продолжува и оваа вечер, со настапи на Ламбе Алабаковски, Нокаут, Суперхикс, Некст Тајм и ДЈ Ерик Фокс, повторно до зори.

Годинешното издание на Златни денови Кратово, покрај одличната забава и веселба за гостите, има за цел да го постави Кратово на мапата на викенд дестинации, кадешто секој посетител ќе има можност да ужива во богатата содржина на природни убавини, туристички атракции, хедонизам, искусен од прекрасната кратовска кујна, посети на локалните содржини, како Куклици, Лоесновски Манастир, како и неколкуте настани, коишто со леснотија ги полнат кратовските сокаци: Филмски фестивал за млади, Етно ризница - Шопска свадба, Корит Фест, Компиријада и други.