Македонија
25. October 2020 - 16:47

Дополнителен простор и во болницата во Гевгелија за ковид пациенти

Бројот на новозаразени од Ковид- 19 секојдневно расте и на југот од државата. Во моментов во гевгелискиот центар за јавно здравје се евидентирани 169 активни случаи. Ваквата состојба ја наметна потребата и гевгелиската болница да обезбеди дополнителен простор за пациентите кои примаат терапија во болнички услови. Проширувањето ќе биде во склоп на постојниот Ковид центар во кој моментално се врши прием и тестирањето за корона вирус. Во доградбата се планирани осум до десет болнички кревети за дневна терапија на пациентите со полесни симптоми. 

,,Тоа е некој вид на дневна болница и би биле поставени на терапија оние пациенти кои што се сомнителни, покажуваат симптоматологија на ковид, меѓутоа, заради неколку дена чекање ние се уште не можеме да ги сместиме во категорија позитивни ковид пациенти. Во колку се констатира дека се позитивни тогаш тие веднаш се трансферираат во оној оддел каде што се третираат како дневна болница оние пациенти кои што се веќе позитивни ковид и кои што имаат потреба од поинтензивна терапија.,, вели д-р Митко Крџев - директор на општа болница Гевгелија.

Ваквата иницијатива ја поддржаа градоначалникот и општинскиот кризен штаб. Барањето од страна на болницата за обезбедување на финансиски средства во висина од околу 377.000 денари, колку што чини доградбата веќе е доставено до општината. За него гевгелиските советници ќе расправаат на седницата која треба да се одржи во текот на претстојната недела. Претходно, болницата во Гевгелија за ковид позитивните пациенти го адаптираше невро психијатриското одделение кое располага со 12 кревети во кое моментално се лекуваат неколку пациенти.