Свет
22. December 2016 - 8:36

Доналд Трамп: Би можел да ја победам Клинтон и во гласањето на народот

Новоизбраниот американски претседател Доналд Трамп изјави дека би можел да ја победи Хилари Клинтон и во непосредното гласање на гласачите, но дека во тој случај неговата кампања би била сосема различна.

„Би можел пак да ја победам, собирајќи повеќе гласови од неа, доколку во САД би немало електорско гласање„ - напиша Трамп на Твитер, во неговата најнова полемика на социјалната мрежа со своите критичари.

Изјавата претставува реакција на критиките во медиумите, по потврдената победа на Трамп од страна на електорскит колеџ, што и формално го промовираше за победник на изборите и за нов претседател на САД.

Неговите критичари и политички противници, меѓутоа, му порачаа на Трамп дека победил на изборите, без поддршката на американскиот народ, уверливо поразен од гласачите во земјата.

Републиканецот Трамп освои 306 електорски гласови, а му беа потребни 270, но затоа демократскиот кандидат Хилари Клинтон има добиено безмалку три милиони гласови повеќе од победникот на годинешниве избори.

Според американскиот изборен закон, победникот е оној што ќе освои најмногу електорски гласови.

Американските медиуми откриваат дека Трамп се почесто не ја крие нервозата кога во јавноста се споменуваат бројките од изборните резултати, забележувајќи им на критичарите дека сакаат да ја девалвираат неговата победа и успехот во изборната трка.

Неговиот изборен штаб инсистира дека Трамп имал „многу софистицирана кампања“ а тој самиот ги повика медиумите да пишуваат дека тој победил со многу помалку потрошени средства од поразената Клинтон.

„Кампањата за да се победи кај електорскиот колеџ е многу потешка, отколку кај народното гласање. Клинтон беше фокусирана на погрешни држави„, напиша Трамп на својата страница на Твитер.

Новозибраниот претседател сега одново покрена „контра-кампања„ околу неговиот неуспех да ја добие поддршката и на гласачите, тврдејќи дека имало „измами“ кај гласањето во Вирџинија, Њу Хемпшир и Калифорнија, каде уверливо победи Клинтон, но без да посочи докази за овие обвинувања.