Балкан
20. July 2015 - 11:54

Домбровскис: Довербата во Грција е изгубена и треба да се врати

Потпретседателот на Европската комисија Валдис Домбровскис ја предупреди Грција да не ги одложува реформите што ги вети, затоа што во спротивно нема да и бидат исплатени средствата.

- Во текот на изминатите неколку месеци, довербата е изгубена и треба да се врати. Ако грчката Влада ги исполнува своите обврски и спроведува реформи, тоа ќе биде многу важен чекор, рече Домбровскис во интервју за германскиот весник „Билд“.

Тој истакна дека преговорите меѓу Грција и нејзините кредитори за третта програма за помош треба да се спроведат темелно и додаде дека тие ќе траат неколку недели.

- Само откако ќе се вратат стабилноста и довербата, Грција може да се врати на патот на раст, создавање работни места и враќање на довербата особено меѓу социјално најранливите, рече заменик-претседателот на Европската комисија.