Македонија
20. December 2020 - 16:40

Доктор Давитков: Немав дилема за вакцината гледајќи ја борбата за живот на одделенијата за интензивна нега

Доктор Перица Давитков е меѓу првите Македонци кои ја примиле вакцината на Фајзер против Ковид-19. Се вакцинирал пред 4 дена во Универзитетската болница во Кливленд САД каде работи и истражува. Тој во разговор за Сител вели дека освен очекуваната болка во рамното немал никакви реакции.

-Искрено се чувствувам помалку анксиознен , среќен и горд  дека медицината и науката не доведоа до чекор поблиску во справување со пандемијата. Во однос на симптомите после вакцинацијата ја имав само очекуваната болка во рамото каде беше аплицирана вакцината и траеше 24 часа. Втората доза планирам да ја примам за 3 недели иако што е за Фајзер вакцината и после втората доза се очекува малку повеќе симптоми, а тоа се сепак благи како секоја друга вируза, како обична настинка, малку покачена температура, малаксаност, можна е и болка во мускулите и зглобовите и тоа ќе трае 24 до 48 часа, изјави за Сител д-р Перица Давитков, асс. проф. во Универзитетската болница во Кливленд и заменик шеф на катедрата за гастроентерологија.

Доктор Давитков пред да се вакцинира многу читал за самата вакцина и  истражувал за нејзиниот состав. Се консултирал и со искусни колеги по генетика и имунологија од универзитетот во Кливленд токму за развој на вакцини кои директно биле вклучени  во истражувањето за имунологијата на Ковид -19. Неговиот заклучок е дека вакцината е безбедна, но го разбира и стравот кај граѓаните.

-Дел од мојата истражувачка работа е методолошка собирам информации од публукувани трудови, ги анализирам и создаваме протоколи за работа и терапија. За вакцината систематски ги читав сите студии и резулататите се задоволителни. Ефикасноста е висока, а несаканите ефекти благи и прифатливи. Пациентите во овие истражувања беа следени 6 месеци. И знам дека најголемиот дел од луѓето се плашат од последиците кои можат да настанат во иднина, а и со право. Вакцината и механизмот на дејство се нови , но и долгорочните последици се непознати засега. Но што знаеме за сега со сигурност дека самиот вирус е многу многу пострашен. Не само поради високата стапка на морталитет и останатите компликации како што се фибрози на белите дробови, а и на срцето. И знам дека постојат мислења дека вакцината е избрзана и недоволно испитана. Јас работам на Универзитет каде се спроведуваа дел од истражувањата на фајзер, еден од 120-те универзитети. И баш напротив доцнеше токму поради таа бирократија на одобрување. Толку е раширен вирусот што истражувањата може да се завршат за многу краток период и да вклучат огромен број луѓе и 40.000 пациенти и испитаници кои беа вклучени е рекорден број за нов лек или вакцина, рече д-р Давитков.

Дополнителна причина поради која одлучил меѓу првите да се вакцинира е како што вели тешките и фатални последици кој ги предизвикува вирусот.

-Како дел од тимот лекари се имам грижено за цели семејства заболени од вирусот кои имаа тешки компликации, гледав луѓе како умираа сами на одделите за интензивна нега. Гледајќи го сето ова одлуката да се вакцинирам беше прелесна и уште од вториот ден ја примив вакцината не со цел да се заштитам себе си и моите најблиски, туку и моите пациенти, потенцираше д-р Давитков.

Од вчера во САД се користи и вакцината на Модерна. Според доктор Давитков немало некоја голема разлика меѓу двете вакцини, имало само поголема можност за имунизација.