Македонија
10. September 2022 - 16:37

Дојран прогласи успешна туристичка сезона. Надмина 100.000 ноќевања

Дојран одбележа успешна туристичка сезона. Првичните проценки на локалните власти покажуваат дека очекувањата за 100.000 ноќевања се остварени, додека бројот на дневните туристи кои ова лето го посетиле најмалиот  туристички центар е двојно поголем. Освен домашните, оваа година повторно се вратија и српските туристи кои за разлика од порано Дојран не го користат само како транзит дестинација, туку  овде остануваат и по неколку дена.

И покрај тоа што сезоната е на самиот крај, од локалната самоуправа најавуваат дека нивните активности за привлекување на туристи продолжуваат и понатаму. Нивна цел е Дојран да стане атрактивен и надвор од летната сезона за што веќе е формирано и ново претпријатие кое ќе работи токму на ова поле.

Последните неколку години Дојран не е атрактивен само за туристите, туку и за инвеститорите кои се почесто се одлучуваат да инвестираат во овој туристички центар,  како во нови станбени објекти така и во постоечките хотели кои подолго време не се во употреба. Зголемениот интерес за инвестирање ги зголеми и цените на градежното земјиште кои во зависност од локацијата и големината на парцелата се движат од 30 до 250 евра за метар квадратен.