Македонија
20. July 2019 - 19:40

Дојава за бомба во центарот на Прилеп за време на настапот на Цеца

Дојава на бомба синоќа околу 23 часот, пред настапот на Светлана Ражњатовиќ Цеца на Пиво фест, повторно го испразни кафулето „Кафеин“ во Прилеп, како пред 10 дена. Просторот беше обезбеден од голем број на полициски службеници, а на лице место пристигнаа и екипите на Противпожарната бригада и Итната медицинска помош од Прилеп. Според СВР Битола бомбата била пронајдена во саксија за цвеќе и била школска бомба без експлозивно полнење. Се преземале мерки за расчистување на случајот.

Од Јавното обвинителство пак истакнаа дека бомбата ја подигнала екипа од Одделот за антитерористичка заштита и биле издадени насоки и наредби за целосно расчистување на настанот.

Инаку досега не е расветлен ниту првиот случај со фрлањето на рачна бомба во „Кафе ин“. Од обвинителството потврдија дека тогаш бомбата била вистинска, капислата и била извадена, но за среќа таа не експлодирала.

Во јавноста веќе кружи една снимка од безбедносни камери на која се гледа како едно лице ја фрла бомбата, но таа не експлодира. Дали снимката е автентична треба да потврдат надлежните. Од Обвинителството велат дека полицијата се уште им ги немала предадено снимките од безбедносните камери.

Денеска и градоначалникот на Прилеп го осуди настанот и повика да престанат меѓусебните пресметки за не се нарушува имиџот на Прилеп и Пиво фест.

„Ова се поединечни случаи немаат врска со Пиво фест. Тие сакаат да ја расипат забавата индииректно, не директно. Но тие меѓусебни пресметки поединечни што се прават го уриваат имиџот на градот, на граѓаните, на сите нас. И затоа кажувам дека тие меѓусебни пресметки не е сега време да се прават, ако ги има“, рече Илија Јованоски, градоначалник на Прилеп.

Од ВМРО-ДПМНЕ пак денеска прашаа дали се работи за нерасчистени внатрепартиски сметки во СДСМ, бидејќи соипственикот на локалот е член на владеачката партија.

„Дали е веќе јасно дека во Прилеп владее злосторничко здужение и истото се наоѓа во редовите на вашата партија? Со месеци апелираме до вас дека градот е претворен во криминално дувло, дека се палат автомобили, се напаѓаат полицајци, се случуваат филмски грабежи среде бел ден“, вели Дејан Проданоски, ОК на ВМРО-ДПМНЕ Прилеп.

Но, ниту бомбата не ја спречии забавата вчера во Прилеп кога пред нив настапи ѕвездата на фестииваклот, Светлана Ражњатовиќ Цеца. Градот беше преполно со гости од цела Македонија.

„Мене апсолутно не ми е важно во кој сум град, кога сум во Македонија секогаш е прекрасен провод, многу луѓе и се трудам сите да се задоволни од концертот, тоа е најважно“, изјави Светлана Ражњатовиќ Цеца, пејачка.

Пиво фест продолжува и вечер, а затворањето е во недела.

Видеа од Македонија