Македонија
12. May 2021 - 16:33

До вечер ќе се знае дали офицерот е заразен со јужно африкански сој

Анализите во МАНУ треба да покажат дали македонскиот офицер заразен со Ковид-19 во Африка го има јужноафрикански сој. 55 годишниот потполковник утрово со авион за медицинска евакуација стигна во земјата и е хоспитализиран на Инфективна. Веднаш му биле земени брисеви и испратени на дополнителни лабораториски испитувања. На клиниката бил примен во добра општа состојба, немал температура ниту проблеми со дишењето туку само умор од долгиот пат. Според епидемиолошката анкета инфектолозите велат мала е веројатноста да ја има опасната мутација.

-Не очекувам развој на тешка клиничка слика со оглед кога е дијагностициран. Што се однесува до сојот од клиничката слика не можам да заклучам, но и од направената епидемиолошка анкета мала е веројатноста да е тој сој, меѓутоа сепак ние земавме брисеви за понатамошни анализи, вели др. Милена Стевановиќ, директор на Клиниката за инфективни болести.

Потполковникот на клиниката е изолиран, а медицинскиот персонал е со заштитна опрема како што ги третираат и останатите пациенти со Ковид. Побрзо оздравување му посака и министерката Шеќеринска која утрово објави дека офицерот безбедно е транспортиран во земјата.

Инаку јужноафриканскиот сој е многу поопасен од останатите мутации на вирусот – побрзо се шири, предизвикува тешка клиничка слика и е отпорен на дел од вакцините. Досега во земјата иако имаше сомнителни случаи не беше изолирана мутацијата од Африка.