До 4 октомври уписи на Филмската академија-Охрид
Уписите за студирање во академската 2015/2016 година на Институтот за филм - Филмска академија-Охрид се во тек и траат до 4 октомври. Пријавувањето се врши со пополнување на електронска пријава преку веб-страната www.filmacademyohrid.com.
По завршувањето на рокот за електронско пријавување, врз основа на обработка на пристигнатите апликации и интервјуа со кандидатите кои ќе се реализираат на 13-ти и 14-ти октомври, стручен тим на оваа високо-образовна установа ќе изврши и соодветна селекција на идните студенти.
Филмската академија-Охрид е резултат на повеќегодишната соработка меѓу Владата на Република Македонија, Владата на Чешката Република и ФАМУ - престижната филмска и телевизиска школа на Академијата за сценски уметности во Прага.
Институтот за филм е јавна научна установа, која како придружна членка на Универзитетот „Гоце Делчев“ од Штип нуди постдипломски програми на Катедрата за сценаристика и драматургија и Катедрата за креативна продукција. Институтот почнува со работа од оваа академска година.
Тригодишните студиски програми ќе се изведуваат на англиски јазик и се прилагодени специјално за оваа институција, согласно стандардите, принципите и долгата традиција на ФАМУ во Прага, петтата најстара филмска школа во светот. Наставниот кадар, освен редовните ќе го сочинуваат и визитинг професори од ФАМУ во Прага.
Министерството за образование и наука ќе додели дваесет целосни стипендии за студентите кои ќе се запишат на постдипломските студии. За стипендија можат да аплицираат кандидати од Република Македонија и од странство.
За да се квалификуваат за стипендија, кандидатите најпрво треба да го поминат селекцискиот процес за упис на Институтот. Кандидатите чија пријава ќе биде прифатена од Институтот, целокупната потребна документација наведена во конкурсот за стипендирање, како и формуларот за аплицирање, кои се објавени на специјализираниот портал за доделување стипендии -www.stipendii.mon.gov.mk, ги поднесуваат во просториите на министерството, најдоцна до 30 октомври годинава.
Академската година за избраните и стипендирани постдипломци ќе почне во ноември.
Ново на Сител
-
Арсенал заинтересиран за трансфер на Родриго
-
Хамилтон ги критикува перформансите и стратегијата на Ферари
-
Келн го отпушти тренерот пред можното враќање во Бундеслигата
-
Алкалоид ќе го пречека АЕК во „Борис Трајковски“
-
Дембеле се врати на тренинзи по повредата
-
НБА: Јута го продолжи договорот со тренерот Харди
-
Ф1: Алпин размислува за замена на возачите, Колапинто на местото на Дуан
-
Кривична пријава против фудбалерите на Гостивар за напад на полицајци по мечот со Струга