Свет
30. November 2017 - 9:45

До 2100 година морето ќе проголта 14 илјади американски историски споменици

Речиси 14 илјади археолошки наоѓалишта и историски споменици во САД би можеле да бидат „проголтани“ до крајот на векот поради зголемување на нивото на морето, предизвикано од климатските промени, предупредија група научници во студија, објавена во Плос Уан (PLoS ONE).

Податоците укажуваат дека секое десетто археолошко наоѓалиште во девет крајбрежни држави во југоисточниот дел на САД ризикува да се најде под нивото на морето. Проектираниот раст на нивото на морето ќе резултира со губење на значителен дел од спомениците и наоѓалиштата од претколумбискиот период и по него, предупредуваат авторите на студијата.

- Постои сериозна загриженост поради заканите од глобалните климатски промени во однос на археолошкото и историско наследство, истакнуваат научниците. Тие прогнозираат дека нивото на морето до 2100 година, во просек глобално ќе се зголеми за еден метар.

Во првата таква студија, податоците за надморската височина на археолошките и историски наоѓалишта и споменици долж Атлантикот и Мексиканскиот залив, истражувачите ги споиле со предвидениот раст на нивото на морето.

- Тоа е само мал дел, изјави коавторот на студијата Дејвид Андерсон, професор по археологија на универзитетот во државата Тенеси.

Авторите на студијата повикуваат на расправа за тоа кои делови од историјата треба да се спасуваат со преместување и со документирање