Балкан
10. November 2023 - 12:53

До 2028 година Албанија во одбраната ќе инвестира околу 800 милиони евра

Во наредните години се очекува Албанија да потроши стотици милиони евра повеќе за одбрана, додека времето во кое земјата можеше да заштеди од овој сектор за да инвестира во економски и социјален развој се чини дека заврши, констатира во својата анализа БИРН.

-Плановите за воени трошоци во предлог-државниот буџет за 2024 година, објавени на веб-страницата на Парламентот на Албанија, зборуваат за значително зголемување на расходите за воени бази, вооружување и муниција како и за набавка на скапи системи за воздухопловна војна, беспилотни летала од Турција и транспондер систем вреден над 30 милиони евра, што очигледно ќе биде инсталиран на хеликоптерите „Blackhawk“,

Скромната воена база во областа „Биза“ во висорамнините над Тирана се очекува да биде претворена во комплекс вреден речиси 15 милиони евра, додека во поморската база „Пашалиман“ се очекува да се инвестира во изградба на банкини и продлабочување на басенот, во вредност од околу пет милиони евра.

Новите инвестиции планирани во буџетот за следната година доаѓаат заедно со постоечката инвестициска програма, која вклучува набавка на беспилотни авиони во вредност од 75 милиони евра, програма која започна во 2022 година и изградба на полигон во месноста Пајет во вредност од над 2 милиони евра.

Инвестициската програма во одбраната, за периодот 2022-2028 година, изнесува речиси 800 милиони евра.

За 2024 година, Албанија се очекува да потроши за одбранбениот сектор 33 милијарди Лери (околу 310 милиони евра), со значителен пораст од 27 отсто во споредба со буџетот за 2023 година. Зголемувањето на трошоците за одбрана е значајно ако се има предвид дека вкупните буџетски трошоци се очекува да се зголемат за само 7,1 отсто.

-Во 2024 година ќе се испочитува потребното ниво поврзано со обврските за членство во НАТО, со два отсто од бруто домашниот производ и тоа се постигнува за првпат, вели министерот за финансии и економија Ервин Мете.

Според БИРН, Албанија има мала армија од 6.600 лица, петта најмала меѓу земјите-членки, по Луксембург, Црна Гора, Северна Македонија и Словенија, несметајќи го Исланд, единствената членка на НАТО што нема војска.

-Пресметките на НАТО покажуваат дека според податоците од 2023 година, Албанија е земја членка со најниски трошоци по глава на жител во одбранбениот сектор. Одбраната годинава ги чини албанските граѓани 93 американски долари, македонските 114 а црногорските 151 американски долари. Одбраната пак Американците ги чини 2.220 долари годишно, Норвежаните 1.339 долари, Германците 967 додека Французите 737 долари, стои во анализата на БИРН.

Констатира дека трошоците за одбрана почнаа радикално да се менуваат во многу земји по рускиот напад против Украина во февруари 2022 година, настан кој ја промени перцепцијата за мирот, барем во однос на конвенционалното војување на европскиот континент.