До 10-ти август одлука - дали ќе се отворат училиштата, за секој град ќе има посебен режим
До 10-ти август ќе се знае како ќе се одвива училишната настава во наредната учебна година. Ќе седнат ли децата во клупите и со колкава дистанца меѓу нив, колку ќе бидат скратени часовите, ќе бидат ли воведени дополнителни смени и крајно, каде ќе има настава со далечинско учење, а каде со физичко присуство?
Наставниот кадар и родителите подолго време ги поставуваат прашањата, а од Министерството за образование ветуваат одговори во наредните две недели.
“До 10-ти август ќе ги имаат сите тие информации. Нема потреба за паника. Има модели, треба да се усогласат и не е ништо задоцнето. Има снимање на состојбата, бројноста на учениците во паралелките, бараме просторни можности за оние училишта кои немаат капацитети, значи сите тие аспекти се разгледуваат”.
Наставник сам во училница и држи настава. Сликата може да стане реалност во случај на далечинско учење. Учениците дома, но наставниците материјалот да го предаваат од своето работно место – е еден од предлозите на работната група од Бирото за развој на образованието.
Сепак, од Министертвото најавуваат дека наставата со физичко присуство е приоритет при носењето на планот.
“Она што и наставниците и директорите и родителите го бараат од нас е дека ништо не може да ја замени наставата со физичко присуство. И се додека постои и најмала алтернатива и можност за безбедно реализирање на наставата со физичко присуство, ние ќе правиме обиди да ја реализираме на таков начин”.
Од МОН велат дека најверојатно во функција ќе бидат повеќе модели на настава, во зависност од епидемиолошката слика во земјава. Со ова се согласува и опозицијата, иако смета дека барањето соодветен модел за настава од септември е задоцнето.
“Колку што ми е мене познато, ниту во Берово, ниту во Делчево, ниту во Виница нема заразени. Тие деца можат да почнат со настава сосема нормално, се разбира по скратена програма, за да бидат рамноправни со другите ученици. Таму каде што има најмногу заразени нека оди наставата он лајн”.
Расправата по сите модели и протоколи за тоа како ќе изгледа наставата од 1-ви септември почнува утре, а крајниот збор ќе го има Комсијата за заразни болести.
-
Горан Симоновски
Сите содржини од овој новинар