Македонија
7. February 2020 - 15:33

ДКСК: Спасовски нема судир на интереси или финансиска поврзаност со бензинската за која пишуваа медиумите

Поранешниот министер за внатрешни работи и актуелен премиер, Оливер Спасовски нема судир на интереси ниту пак финансиска поврзаност со отворање на бензинска пумпа и станица за технички преглед. Ова денеска едногласно го изгласаа членовите на Државната комисија за спречување на корупција на совојата 26 седница постапувајќи по негово лично барање, а иницирано од пишувањето во одредени медиуми.

-Утврдивме дека поранешниот министер нема никаква поврзаност со сопственичката структура на бензинската, што на негово барање се постапува и во однос на неговата имотна состојба. Што се однесува на судирот на интереси помеѓу советникот на министерот и еден од сопствениците на бензинската пумпа констатиравме дека целата постапка е спроведена според законот за возила и испочитувани се сите процедури во МВР, а наводите не се потврдени, истакна Владимир Георгиев член на Комисијата.

Комисијата постапувала по предметот кој се однесува на изборот на внуката на поранешниот претседател на Советот на Јавни обвинители Коле Штерјов, Марија Георгијава каде утврдиле дека Штерјов гласал воздржано на седницата што овозможил да биде избрана обвинителката. Оправдувањето од Советот било дека доколку се изземал Штерјов немало да има кворум и немало да биде избранаГеоргиева. ДКСК побарале да Советот на ЈО да поведе постапка за утврдување на одговорност при што добиле одговор дека нема никаква одговорност.

Судир на интереси и покренување на иницијатива за одговорност, Комисијата денеска едногласно утврди и во постапката по пријава на физичко лице дека претседател на Основен суд во Кичево го вработил својот постар син во судот и дека енормно е збогатен со куќи, возила, дуќан за злато, кафана, плацови…

Во однос на богатството Комисијата отворила предмет во одделението за имотна состојба која е во тек, а во однос на судирот на интереси ДКСК утврдиле дека синот на претседателот на судот претходно бил вработен во Секретаријатот за спроведување на Рамковниот договор и со превземање заедно со други лица без јавен оглас е префрлен во судот. Спогодбата за превземањето на синот ја потпишал таткото, односно пртеседателот на Судот.  Бидејќи претседателот на судот не постапил согласно законот Комијата побара да се покрене одлука за покренување иницијатива за утврдување одговорност на претседателот на Основниот суд во Кичево.

Комисијата на седницата ја избра Катица Николовска за заменик претседател на ДКСК, ја усвоија Програма за работа на Државната комисија за спречување на корупцијата за 2020 година како и годишниот план за следење на имотната состојба и судирот на интереси за 2020 годинач Членовите на Комисијата го изгласаа и Етички кодекс на Државната комисија за спречување на корупцијата.

На почетокот на седницата, претседателката на ДКСК Билјана Ивановска во нејзино и во име на ДКСК изрази жалење што Парламентот не смогнал сили да ја разгледа и усвои Нациналната стратегија за спречување корупција и судир на интереси.

-Во подготовката на овој документ се вложи голем напор од страна на сите учесници од институции, медиуми, меѓународната заедница, со цел овој документ да биде издржлив. Жал ми е што пратениците не успејаа да го почуствуваат значењето на моментот на донесување на оваа стратегија. Ќе помине доста време додека дојде следната шансда но тоа ќе биде изгубено време, истакна Ивановска.