ДКСК поведе постапка за разрешувањата на Генералниот секретаријат на владата
Антикорупциската комисија ќе проверува дали генералниот секретар на владата Рашковски незаконски се обидел да отпушти 32 вработени по распишувањето на изборите. Комисијата побара одговор најдоцна во рок од 15 дена дали е покрената постапка за отпуштање на работниците, кога и врз основа на кој член од Законот за државни службеници. Случајот е отворен по барање на вработените, но тие во приговорот не доставиле оригинални документи, поради што Антиокорпцинерите сами ќе го испитуваат случајот.
Рашковски ќе треба да одговори и зошто е отворена дисциплинска постапка против вработените и дали Комсијата која требала да одлучува за дисциплински мерки донела некаква одлука.
Антикорупцинерите отворија случај и за разрешувањето на Слободанка Алексоска од местото раководител на Центарот за вработување – Скопје. Таа се пожалила дека незаконски била распоредена на позиција за пет нивоа пониско од она што го имала во решението за работа.
Комисијата побара од Агенцијата за вработувања да ги достави списите од овој предмет за да испита дали има вакво прекршување на изборниот законик. Слично на овој случај, антикорупционерите отворија предмет и за Димче Стојановски од Кичево кој се пожалил дека добил отказ од Рашковски по распишувањето на изборите, а по спроведена дисциплинска постапка.
Ова е втора серија на предмети на антикорупционерите во врска со разрешувања или откази по распишувањето на изборите што е спротивно на Изборниот законик. Првиот случај е оној на Љупчо Георгиевски, директор на Агенцијата за просторно планирање кој приговараше дека е разрешен од управниот одбор на денот на распишувањето на изборите. Се уште нема одлука за овој случај иако првите оценки на антикорупционерите беа дека Изборниот законик е прекршен.
-
Катерина Нешкова
Сите содржини од овој новинар
