Македонија
21. November 2019 - 10:51

ДКСК: Изречена јавна опомена за адвокатката Ана Јаневска, поради извршување на две функции истовремено

ДРЖАВНАТА КОМИСИЈА ЗА СПРЕЧУВАЊЕ НА КОРУПЦИЈАТА, врз основа на член 22 став 1, член 23 став 1, член 44 став 1 од Законот за спречување на корупцијата и судирот на интереси (,,Службен Весник на Република Македонија” број 12/2019), а в.в. со член 24 став 1 од Законот за адвокатура, постапувајќи по предмет за утврдување на состојба на судир на интереси кај лицето Ана Јаневска на 24 -та седница одржана на ден 15 ноември 2019 година, согласно член 77 став 1 и член 79 од Законот за спречување на корупцијата и судирот на интереси, Државната комисија за спречување на корупцијата донесе

О Д Л У К А

На Ана Јаневска, се изрекува мерка

ЈАВНА ОПОМЕНА

ЗАТОА ШТО: На барање на Државната комисија за спречување на корупцијата (во пона-тамошниот текст Државната комисија) не постапила согласно со член 77 став 1 од Законот за спречување корупцијата и судирот на интереси, односно не ја отстранила состојбата на судир на интереси во која се наоѓа, поради тоа што покрај адвокатската дејност, ја извршува и функцијата член на Советот на општина Пробиштип, што е спротивно на член 44 став 1 од Законот за спречу-вање корупцијата исудирот на интереси и член 20 и член 24 став 1 од Законот за адвокатура.

Согласно со член 79 став 2 од Законот за спречување корупцијата и судирот на интереси јавната опомена од ставот (1) на овој член се објавува на веб страницата на Државната комисија и во средствата за јавно информирање.

О Б Р А З Л О Ж Е Н И Е

Државната комисија оформи и постапува по предмет за утврдување на состојба на судир на интереси кај лицето Ана Јаневска – адвокат, поради извршување на две функции истовремено.

Постапувајќи по предметот, Државната комисија констатира дека наведеното лице се наоѓа во состојба на судир на интереси поради тоа што, покрај адвокатската дејност, ја извршува и функцијата член на Советот на општина Пробиштип.

Вака констатираната состојба е спротивна на одредбите од Законот за спречување корупцијата исудирот на интереси , каде е предвидено дека секое избрано лице за време на траењето на неговиот мандат е должно да ги почитува правилата за неспоивост на функција која ја врши со други функции или дејности утврдени во Уставот и законите.

Истото е спротивно и на Законот за адвокатурата каде е предвидено дека на адвокат избран или именуван на јавна функција, вршењето на адвокатската дејност му мирува до престанување на функцијата.

Во контекст на наведеното, а во насока на отстранување на настанатата состојба, Државната комисија согласно со член 77 став 1 од Законот за спречување корупцијата исудирот на интереси се обрати до лицето Ана Јаневска со барање да преземе чекори во насока на от-странување на утврдените повреди на одредбите од истиот закон, односно во рок од 15 дена сметано од денот на приемот на одлуката да го одстрани судирот на интереси.

Ана Јаневска не постапи по барањето на Државната комисија, односно во законски утврдениот рок доброволно не се откажа од извршување на едната од двете функции кои во моментов ги извршува и не го отстрани судирот на интереси.

Поради наведеното Државната комисија смета дека се исполнети условите утврдени во член 79 став 1 од Законот за спречување корупцијата исудирот на интерес поради што донесе ОДЛУКА на Ана Јаневска да и се изрече мерката ЈАВНА ОПОМЕНА .

Врз основа на се, погоре наведено, Државната комисија за спречување на корупцијата одлучи како во диспозитивот на оваа одлука.

ДРЖАВНА КОМИСИЈА ЗА СПРЕЧУВАЊЕ НА КОРУПЦИЈАТА

Претседател, Билјана Ивановска