Македонија
16. October 2024 - 16:49

ДКСК бара комплетно нов или ревидирање на постојниот изборен законик

Комплетно нов или ревидирање на постојниот Изборен законик бара Антикорупциската комисија која денеска го претстави извештајот за изборните циклуси кои се одржаа годинава.

Главните забелешки се за државното финансирање на политичките партии. Податоците на ДКСК покажуваат дека најголем дел од приходите на партиите доаѓаат преку платеното политичко рекламирање кое го плаќаме сите од буџетот на државата. Дури 76,82% од парите на партиите им доаѓаат преку оваа ставка.

Претседателката на ДКСК вели дека со постојниот закон има голем ризик од корупција преку донациите кои ги добиваат партиите.

-Рокот на на уплата на донации и тек како е значаен бидејќи е овозможено по објавување на конечните резултати на изборите, односно кога ќе се знае победникот на овие избори и понатаму да се уплаќаат донации, што де факто е ризик од корупција голем број од тие донатори утре да се најдат и како договорни органи во постапките за јавните набавки, вели Татјана Димитровска, претседателка на Државната комисија за спречување корупција.

И рекламирањето во медиумите, според Димитровска, е нерегулирано, особено за интернет порталите.

-Знаеме како преку ноќ во отсуство на одредени критериуми за регистрирање на нови електронски медиуми се создаваат голем број на електронски медиумите. Што значи дека предизвик е 25% од буџетот на државата да биде искористен токму за ваков нерегулиран начин на рекламирање, вели Димитровска.

Претседателските и парламентарните избори кои се одржаа годинава биле апсолутни рекордери според рекламната минутажа.

-За локалните избори во 2021 во двата круга имаше 765 часа платено политичко рекламирање. Додека за оваа година, за претседателските и парламентарните избори имаше вкупно 1416 часа. Тоа преведено во пари, некаде заедно со средствата што се потрошени за портали, билборди, печатени медиуми е некаде повеќе од 10 милиони евра, вели директорот на Агенцијата за аудио и аудиовизуелни медиуми, Зоран Трајчевски.

И Државната изборна комисија бара ревидирање на Изборниот Законик. Претседателот на Комисијата, Борис Кондарко вели дека ДИК не треба да е институцијата преку која партиите и медиумите ќе склучуваат договори за рекламирање, туку дека тоа треба да го преземе Министерството за финансии.

За мааните на Изборниот законик се свесни сите. Пред сите изборни циклуси слушаме најави дека по изборите ќе биде донесен комплетно нов. Но досега направени се повеќе од 30 измени на законот, а државата секогаш добива критики од меѓународните фактори.