Свет
8. October 2015 - 17:30

Директорот на „Фолксваген“ во САД знаел за измамата уште од минатата година

Директорот на „Фолксваген“ во САД, Мајкл Хорн призна дека уште во април минатата година знаел за измамата околу емисијата на штетните гасови од дизел моторите на компанијата, откриваат американските медиуми.

Весниците се повикуваат на некои детали од напишаната изјава на Хорн, за неговото сведочење пред комитетите на американскиот Конгрес, кои покренаа истрага за скандалот со германскиот автомобилски гигант.

Во изјавата Хорн признава дека разбрал за измамата, веднаш по објавувањето на студијата на Универзитетот Западна Вриџинија, за направените тестови.

Директорот Хорн вели дека до почетокот на септември, годинава, инжинерите на компанијата не соработувале со агенцијата за заштита на човековата околина, како и со другите агенции, околу мамењето со приказот за штетната емисија, иако претходно било ветено ќе се соработува.

Во своето сведочење, тој сепак, признава дека е направена голема грешка, која тешко го погодува угледот и реномето на компанијата.

- Не мислев дека нешто вакво би можело да и се слули на компанија каква е „Фолксваген“,  вели Хорн во изјавата.

Според него, нанесена е голема штета на довербата кон потрошувачите, продавачите на возила и кон вработените, но и кон целата јавнист и кон бројните комисии кои водат грижа за стандардите на возилата.

Скандалот со „Фолксваген“ се истражува пред Комитетот за енергија и пред поткомитетот за трговија на Когресот на САД.

Со измамата за емисијата на штетните гасови, се опфатени околу половина милион дизел автомобили во САД.