Директорите на училиштата се жалат на кратки рокови за обезбедување согласност за скринингот
Списоците за барање дозвола од родители за скрининг на учениците, директорите ги добивале и во 2 часот по полноќ. Министерството за образование им дало рок конечните бројки да ги достават до денеска до 16 часот, па директорите се жалат дека имаат малку време за да обезбедат согласност од родители.
-Списоците ги добивме синоќа некаде после полноќ. Брзо реагиравме, ги испечативме. Наставниците се информирани и веќе стапија во контакт со родителите. И родителите се информирани за активностите што ги презема Министерството за здравство, односно за отпочнување на скринингот на учениците во основните училишта, вели директорот на ОУ „Невена Георгиева – Дуња“, Хари Стојановски.
Од неколкуте скопски училишта кои ги контактираше Сител, велат дека заинтересираност има, но имало и поединечни паралелки каде ниту еден родител не сакал да даде согласнот.
-Ние денеска во утринските часови контактиравме со родителите и кај нас интересот е голем. Од 25 паралелки само од една паралелка нема интерес, од паралелката од второ одделение. Инаку сите родители се заинтересирани, веќе доаѓаат ги потпишуваат согласностите. Оние кои не можат денеска да ги достават до 16 часот, ќе ги достават во понеделник рано изутрина, вели директорката на ОУ „Коле Неделковски“, Светлана Масларевска.
Го прашавме МОН зошто мејловите за барање согласност биле испраќани толку доцна во ноќта и зошто рокот е толку краток, но Образование не одговори на нашите прашања.
Со скринингот опфатени ќе бидат нешто над 8.000 ученици од 80 општини и град Скопје во 364 основни и 109 средни училишта. Најмногу тестирања ќе се прават во Скопје, Тетово и Куманово. Процесот веќе доцни една недела, а целта е да се откријат асимптоматските случаи меѓу децата.
-
Даниел Василев
Сите содржини од овој новинар