Македонија
2. October 2017 - 11:01

Димитров за „То Вима“: Ниту Атина, ниту Скопје, ќе 'добијат', доколку другата страна 'изгуби'

Македонскиот министер за надворешни работи Никола Димитров во колумна за неделното издание на грчкиот весник „То Вима“, меѓу другото, се осврнува на билатералните односи меѓу Македонија и Грција, односите на нашата земја со соседите, како и за ситуацијата во регионот.

Димитров вели дека одлуката да ја посети прво Атина, откако ја презеде функцијата министер, носела пораки на добра волја, познавање на заедничките интереси и потребата од соработка.

„Во Атина пристигнав како пријател, без предрасуди и скриена агенда, за да побарам поддршка од грчката Влада и од грчкиот народ на нашиот тежок пат кон ЕУ и НАТО. Признавајќи дека најголемиот предизвик за нашата евроатлантска кандидатура е во нашите односи со Грција, дојдов да го претставам новото лице на мојата земја: демократско, европско, свртено кон иднината и со намера да ги реши проблемите.  Ја пренесов пораката на еден добар сосед со почит и искреност“, пишува Димитров.

Димитров за То Вима

Тој нагласува дека новата македонска Влада постави позитивна агенда за надминување на  отворените прашања и оти македонските дипломатски напори во регионот ја одразуваат  подготвеноста да создаде нова енергија, нов дух на соработка за унапредување на односите со соседите и пријателите.

„Целосно сме решени да ја смениме суштината на нашите односи во функција на нашата заедничка европска иднина. Потпишувањето на Договорот за пријателство со Бугарија, кој беше силно поздравен од нашите стратешки партнери, ја демонстрира нашата способност да ги надминеме проблемите без интервенција на трети страни, во европски дух и на некој начин како инспирација за регионот. Тоа е духот што се обидуваме да го негуваме во односите со сите наши соседи“, подвлекува шефот на македонската дипломатија.

Тој потсетува дека Македонија ја проширува соработката и ја продлабочува меѓусебната доверба со Грција, додавајќи дека честите и пријателски контакти со министерот за надворешни работи Коѕиас имаат искрен и отворен пристап. Димитров, исто така, пишува дека се прават обиди да се најдат начини за нов распоред за надминување на нашиот најголем предизвик.

„Имаме заедничка визија за нашата улога во регионот, во ЕУ и во НАТО. Во следните година и половина, земјите од регионот имаат можност да ги прошират своите европски перспективи. За да ја реализираме, треба да ја прошириме реформската агенда и да инвестираме во добрососедство. Сите ние треба да работиме за помирување на различните мислења и ставови. Во нашите односи со Грција постои прозорец на можност и се надевам дека политичките фактори во Грција ќе го препознаат“, смета Димитров.

Според него, нашиот регион денес го чувствува товарот на глобалната несигурност и непредвидливост. Оваа состојба е јасен показател дека треба се забрза процесот на европска интеграција. Тоа значи, подвлекува македонскиот министер, дека треба да покажеме голема способност и обврските да се поврзат со конкретни чекори. Тој, исто така, потсетува дека во спроведување на агендата за реформи, неизбежни се регионалната интерактивност и соработка.

„Мораме да покажеме дека сме сопственици на актуелните политички процеси и дека сме подготвени да ги надминеме отворените прашања и предизвици и со зборови и со дела. Иако нашето минато е борба на антагонизми, митови и различни перцепции, не смееме да избегнуваме да зборуваме отворено за нив. Сепак, не смееме да дозволиме минатото да ја загрози иднината, бидејќи таа, заедно со вредностите што ги делиме, е заедничка и европска. Мерките за градење доверба покажаа дека сме способни да создадеме позитивна рамка за соработка која може да не води заедно да го пронајдеме патот напред“, подвлекува Димитров.

Тој потсетува дека од грчките пријатели во Атина побара да се преиспитаат каков сосед сакаат – сакаат стабилна, пријателска земја која нуди надеж за демократија, правда и владеење на правото? Во тој контекст Димитров нагласува дека тоа се вредностите кон кои се стремат македонските власти и во кои имаат намера да покажат резултати.

„Создавањето современа европска демократија  е, пред се, во интерес на нашите граѓани, но, исто така, е и интерес што го споделуваме со сите земји во регионот. Се разбира, ова е и во интерес на Грција. Една стабилна, економски развиена и европска Република Македонија значи стабилен и просперитетен регион. Во Скопје му бев домаќин на министерот за надворешни работи Коѕиас со истото убедување“, пишува македонскиот министер.

„Ако пораката за време на мојата прва посета на Атина беше „прво се запознаваме, па потоа танцуваме', пораката во врска со претстојниот состанок на министрите во Солун е дека 'за танго се потребни двајца'. Влегувањето во чевлите на другиот, разбирањето на клучните грижи на другиот е од голема важност, затоа што ниту Атина, ниту Скопје, не можат да 'добијат' ако другата страна 'изгуби'. Покрај историските моменти, делиме интереси, можности и одговорност. Претстојниот период ќе биде возбудлив период на можност за регионот. Ние треба да понудиме визионерска политика, да ги избегнуваме игрите на префрлање на одговорностите и да се спротивставиме на искушенијата што не влечат назад. Тоа го должиме на нашите граѓани за нашата заедничка европска иднина. Како и меѓу пријателите, така и пријателството меѓу државите е поврзано со доверба, почит, искреност, солидарност и општа подготвеност за соработка. Кога ќе стигнеме до таму и ќе погледнеме назад, уверен сум дека ќе се запрашаме зошто уште од почетокот ни требаше толку многу време“, заклучува министерот Димитров во колумната за „То Вима“.