Македонија
1. September 2018 - 13:04

Димитров за ИБНА: Со Грција сме природни сојузници, договорот ќе биде прифатен

Убеденост дека граѓаните ќе го поддржат Договорот од Преспа, бидејќи „кога сме на големи историски крстопати, носиме мудри одлуки“, изразува шефот на македонската дипломатија, во интервју за Независната балканска новинска агенција (ИБНА).

- Убеден сум дека договорот ќе биде прифатен од нашиот народ, бидејќи, кога сме на големи историски крстопати, носиме мудри одлуки. Исто така, уверен сум дека дури и оние, од двете страни, што се противат на договорот, од историска перспектива, ќе прифатат дека ова е важен чекор напред, бидејќи носи многу придобивки. Ние сме соседи, не можеме да го смениме овој факт, историјата не може да се промени, но можеме да влијаеме на нашата иднина и да ја направиме подобра. Многу е лесно политичарите да живеат од овој спор, но неговото решавање создава подобар живот за граѓаните од двете страни, вели Димитров во интервјуто.

Како што јави дописничката на МИА од Атина, во однос на реакциите во Грција за употребата на термините „Македонци“ и „македонски“, Димитров вели дека овие термини во двете земји имаат различно значење, се запрашува „зошто тоа е проблем?“ и додава дека „правото на самоопределување е нешто што не може да се оспори во 21от век во Европа“. 

Шефот на македонската дипломатија, во интервјуто за ИБНА, направено во Виена по неформалниот состанок на министрите за надворешни работи на земјите членки на ЕУ и земјите кандидати, вели дека „за да ја вложиме нашата енергија во нешто корисно, како економијата, прекуграничната и безбедносната соработка, треба да ја отстраниме и пренасочиме оваа непродуктивна дебата“. 

- И јас и мојот пријател Никос Коѕијас сме убедени дека она што го правиме е да инвестираме во нашето пријателство, бидејќи ние сме природни сојузници. Со соодветна политика, за неколку години, сите дилеми ќе исчезнат и сите ќе се прашуваме како не сме го сториле ова на почетокот на деведесеттите години и зошто ставивме една цела генерација да е подложена на овој спор. Наше е конкретно достигнување кое де факто создаде солидарност и убав мост на пријателство, додава Димитров во интервјуто, пренесе МИА.

Министерот за надворешни работи објаснува дека Владата ќе продолжи да работи и на убедување на опозицијата да го поддржи решението меѓу двете соседни земји.  

Во однос на тврдењата од опозицијата дека тие би постигнале подобар договор, Димитров врли дека „подобар договор за едната или другата страна води до непостоење договор“, бидејќи таква е „природата на сите компромиси“.