Димитров во Вашингтон на состанок на министрите за надворешни работи на земјите од НАТО
Шефот на дипломатијата Никола Димитров на 3 и 4 април ќе учествува на состанок на министрите за надворешни работи на земјите-членки на НАТО, што ќе се одржи во Вашингтон.
Ова е прв состанок на министерско ниво за надворешни работи на кој што, претставена преку министерот Димитров, нашата држава активно ќе учествува во својство на поканета земја за членство.
Димитров во Вашингтон ќе отпатува на покана на генералниот секретар на НАТО, Јенс Столтенберг и американскиот државниот секретар Мајк Помпео, соопшти МНР.
Прославувајќи ја 70 годишнината од формирањето на НАТО Вашингтон ќе биде домаќин на серија пригодни настани и свечености, на кои ќе учествува и Димитров.
Меѓу нив е конференцијата „NATO Engages: The Allianceat 70”, на која Димитров, заедно со неговиот грчки колега Јоргос Катругалос ќе говори на тема „Наследството и иднината на НАТО политиката на отворени врати“, непосредно пред изјавата на потпретседателот на САД, Мајк Пенс.
Работната посета на Вашингтон ќе биде особено збогатена со непосредните средби што министерот Димитров ќе ги оствари со Помпео и Филип Рикер, помошник државен секретар. Се очекува посебно внимание да биде посветено на безбедносните предизвици со кои се соочува Алијансата и придонесот на нашата земја кон глобалната благосостојба.
Во својство на „поканета земја – invitee“, министерот Димитров активно ќе учествува на двете работни сесии, работниот ручек и дискусиите со НАТО сојузниците, посветени на широк спектар на безбедносни дилеми и предизвици пред кои е исправена трансатлантската заедница.
Димитров утре, ден пред официјалниот настан ќе го искористи за работни средби со конгресмени и претставници на државни институции на САД, во насока на остварување поблиска соработка и продлабочување на стратешкото партнерство. За досегашните интегративни достигнувања на нашата држава, Димитров ќе даде осврт во неколку интервјуа и јавни настапи.
Активниот престој во САД ќе биде заокружен со низа билатерални средби на министерот Димитров со неговите хомолози од земјите-членки на НАТО, што ќе даде свој придонес кон процесот на ратификација на Протоколот за полноправно членство во Алијансата, додаде МНР.
Ново на Сител
-
Сиљановска Давкова на литургија по повод Мала Богородица во црквата Свети Никола во Њу Џерси
-
Нови детали од тешката сообраќајна несреќа во Србија - Загина петчленото семејство
-
Тежок судир воено и цивилно возило во Србија, две лица загинати
-
Со автомобил тешко повредил жена во Прилеп и побегнал
-
Возач со џип удри во дете на велосипед и тешко го повреди
-
Маж пронајден со повреди во подземна гаража во Скопје, пренесен на лекување на Клиничкиот центар
-
Поплави во Унгарија, Будимпешта под вода
-
Најмалку 13 цивили загинаа во израелски воздушен напад врз училиште во Газа