Македонија
2. April 2018 - 12:42

Димитров со Заев ја почна серијата брифинзи за името

Премиерот Зоран Заев и шефот на дипломатијата Никола Димитров денеска одржаа работен состанок и се во постојана комуникација во врска со последната рунда разговори за името што се одржа во петокот во Виена, потврди за МИА владиниот портпарол Миле Бошњаковски.

Средбата е прва од најавените поединечни средби на Димитров со претставниците на државниот врв и лидерите на политичките партии за разговорите за името.

Лидерска средба за процесот на разговори за прашањето за името нема да има, велат за МИА од Владата.

Димитров попладнево во Собранието треба да има средба со претседателот на законодавниот дом Талат Џафери.

Од ВМРО-ДПМНЕ, пак, велат до пладне немале добиено официјална покана за средба на лидерот на партијата Христијан Мицкоски со Димитров.

Потврда за средба нема ниту од Кабинетот на претседателот Ѓорге Иванов.

Шефот на дипломатијата Никола Димитров минатата недела најави дека по преговорите за името во Виена ќе се одржи состанок на државниот врв и лидерите на најголемите партии. Тој во Виена во петокот имаше средба со својот грчки колега Никос Коѕијас и со медијаторот на ОН Метју Нимиц. 

За разговорите во Виена денеска и утре во Атина, шефот на дипломатијата на Грција ќе ги информира лидерите на грчките политички партии.  

На 27 јануари годинава во Клубот на пратениците се одржа досега единствениот координативен состанок на државно-политичкиот врв во врска со разговорите за името на кој присуствуваа претседателот Ѓорге Иванов, премиерот Зоран Заев, лидерот на ДУИ Али Ахмети и претседателот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски.