Димитров се сретна со францускиот министер за Европа и надворешни работи Жан-Ив Ле Дриан

Министерот за надворешни работи Никола Димитров во рамките на својата прва работна посета на Француската Република, се сретна со својот француски домаќин, министерот за Европа и надворешни работи, Жан-Ив Ле Дриан.
Од МНР соопштија дека на средбата министрите изразиле задоволство од заемните заложби за внесување нова динамика во политичкиот дијалог, кој е во функција на збогатување на севкупната билатералната соработка меѓу Република Македонија и Француската Република.
Во разговорот, министерот Димитров го истакнал значењето што Република Македонија им го придава на односите со Франција, како на билатерален план, така и во контекст на европската и евроатлантската иднина на Република Макдонија. Тој му потврдил на својот француски колега дека Република Македонија настојува, преку своето проевропско надворешно-политичко делување, да ѝ биде сериозен и кредибилен партнер на меѓународната заедница. Исто така, МНР Димитров го запознал својот француски колега и со преземените реформски активности на Владата во пресрет на европските и евроатлантските интеграции, но и пошироко, во контекст на улогата на Република Македонија, како катaлизатор на регионалната соработка и стабилност.
Министерот Димитров се сретнал и со Филип Етиен, дипломатски советник на францускиот претседател Емануел Макрон, каде аргументирал зошто Република Македонија е можноста за заеднички успех на Балканот годинава.
Посетата на министерот започнала со обраќање во реномираниот Институт за меѓународни односи - ИФРИ, каде што на темата „Постигнувањата на Владата на Република Македонија во насока на остварување на заложбите за интеграција во европските и евро-атлантските структури“ биле разменети мислења со француски експерти од областа на европските прашања, Балканот и меѓународната политика.
- Балканот е регион кој географски припаѓа на Европа и кој економски е во истиот брод. Балканската мигрантска рута покажа колку е важен овој регион за европската безбедност и колку е потребно предизвиците на регионот да ги решаваме заедно. Враќањето на геополитиката во нашиот регион, на некој начин, е резултат меѓу другото и на недостатокот на ангажираност од страна на ЕУ во изминатите неколку години. Се надеваме дека идните чекори, меѓу кои и извештајот на Европската комисија што го очекуваме на 17 април - ќе поттикне зголемена вклученост, истакнал Димитров.
Потребно ни е повеќе од Франција на Балканот, рекол Димитров и посочил дека би било добро да се зголеми присуството на Француските компании, но и на политичкото внимание.
- Свесен сум дека новото лице на Франција е фокусирано кон иднината на Европа, кон нејзината консолидација, кон обезбедување на обединет пристап за решавање на важните прашања. Се осмелувам да препорачам дека таа важна визија треба да опфати и таквиот активен европски ангажман на Балканот, истакнал Димитров.
За време на посетата, министерот Димитров ќе има средби и во Националното Собрание на Франција и Сенатот.
Ново на Сител
-

Во голем пожар изгореа неколку куќи и штали во прилепското село Чаниште
-

Teма на денот со Горан Ангелов, директор на Агенцијата за иселеништво
-

Пресек на состојбата со пожарите: Каде гори во Македонија?
-

Три смртни случаи од западнонилска треска за една недела – ДСЗИ проверува колку прскале општините
-

Резултатите за водата во Гостивар ќе ги објават Комуналец и општината
-

Дизелот од полноќ поскапува за 6,5 денари, бензините за 4,5 ден/литар
-

Сточарите бараат вакцинација против сипаници кај овците, АХВ најавува 500.000 вакцини од Турција
-

Вештачење за „Пулс“: Непрописен излез, двојно повеќе гости и диви градежни зафати во објектот
