Македонија
3. July 2017 - 14:31

Димитров - Нимиц: Потребна е зајакната комуникација на политичко ниво

Министерот за надворешни работи Никола Димитров денеска на средбата во Скопје со специјалниот пратеник на ОН за разговорите за името меѓу Република Македонија и Република Грција, Метју Нимиц размениле мислења за натамошно унапредување на дијалогот меѓу двете држави во светло на нашите европски и евро-атлантски аспирации.

Како што соопшти МНР, министерот Димитров информирал за разговорите со државниот и политички врв за време на неговата неодамнешна посета на Атина.

- Димитров ги повтори заложбите на Република Македонија за натамошно продлабочување на билатералните односи, засновани на добрососедство, што е од интерес за стабилноста и економскиот развој на регионот. Истовремено, го истакна значењето на имплементацијата на мерките за градење доверба, како и потребата од нивна натамошна диверзификација, со особен фокус врз интеракцијата меѓу младите, се наведува во соопштението.

Во овој контекст, се додава, соговорниците ја истакнале потребата од зајакната комуникација на политичко ниво, но и интензивирање на економската размена и секторската соработка.

- Министерот Димитров посочи дека новата реформска влада на Р. Македонија во разговорите со нашиот јужен сосед влегува отворено и без предрасуди и скриени агенди, стои во соопштението.