Македонија
21. August 2018 - 9:01

Димитров на средба со Помпео во Стејт департментот

Министерот за надворешни работи Никола Димитров денеска попладне во Стејт департментот на Соединетите Американски Држави ќе се сретне со американскиот државен секретар Мајкл Помпео.

Средбата на Димитров со американскиот државен секретар Помпео е закажана за 14:00 по локално време.

Димитров, како што соопшти МНР, покрај средбата со државниот секретар Помпео, предвидено е да се сретне и со високи претставници на американската администрација - Советот за национална безбедност, Стејт департментот, Конгресот, како и со претставници на невладини организации и други институции во Вашингтон.

Шефот на македонската дипломатија синоќа оствари средби со претставници на Херитиџ Фондацијата и Школата за напредни меѓународни студии при Џонс Хопкинс Универзитетот.

- „Искрен разговор во Херитиџ Фондацијата во Вашингтон и благодарност за нивната континуирана поддршка за членството на Македонија во НАТО“ и „Со мудри пријатели и чудата се возможни. Прекрасна средба со Мајкл Халцл, Ден Сервер и Едвард П. Џозеф. од Школата за напредни меѓународни студии при Џонс Хопкинс Универзитетот“, објави Димитров по средбите на својот Твитер профил.

Димитров, од понеделникот до 22 август, престојува во работна посета на САД на покана на американскиот државен секретар Помпео.