Димитриевски: Очекувам оставката на Заев да биде реализирана
Во своето гостување во Тема на денот во Дневникот на Сител ТВ градоначалникот на Куманово, Максим Димитриевски посочи дека очекува оставката на Заев да биде реализирана.
„Тој тоа го најави, го поздравувам, бидејќи тоа е еден вистински пример како треба да се развива демократијата во нашата држава. Но, за жал, голем дел на луѓе од неговото опкружување кои можеби беа туторите на главните политики во партијата се уште молчат, а тие треба да излезат јавно и да сносат одговорност, како тоа СДСМ од една добра позиција, дојде во една таква состојба. Не можам да предвидам што ќе се случува, можам отворено да кажам што не сакам да се случи. Не сакам да се случи да избереме лидер марионета. Не сакам да се случи да избереме раководство коешто ќе биде во функција на некого или на поранешното раководство. На СДСМ му е потребен сериозен тим на луѓе кои ќе продолжат да анимираат сериозни позитивни политики за граѓаните и државата“, кажа Димитриевски.
Димитриевски потенцираше дека членството е тоа коешто согласно статутот избира лидер и членството треба да одлучи кој ќе биде следниот лидер на СДСМ.
„Никогаш не сум го кажал тоа во јавноста дека имам такви амбиции. Еднаш мислам дека реков кај вас во студио дека човек без амбиции не треба да се занимава со политика, но, во овој момент не размислувам за такво нешто, иако сите опции се отворени, бидејќи членството е тоа кое во внатрепартиска постапка треба да го даде своето видување и мислење. СДСМ е многу голема политичка партија. Своевремено броеше и над 120 илјади членови. Треба да им се даде можност на сите, и на овие членови кои денеска имаат пластични, електронски картички, но и на оние членови кои некогаш имаа сини книшки и знакот ружа како бренд на Социјалдемократскиот сојуз да одлучуваат“, рече Димитриевски.
Ново на Сител
-
Лидерите на Вреди на состанок за состојбата во коалицијата и за локалните избори
-
Трамп подготвува нови санкции против Русија ако не се постигне примирје до крајот на април
-
Коцевски го побарал предметот за возачот кој ја прегази Теодора
-
Западни медиуми: НАТО подготвува воени карти во случај на конфликт со Русија
-
УНИЦЕФ: Илјадници деца се жртви на сексуално насилство во источниот дел на ДР Конго
-
Формирана нова првостепена комисија за лекување во странство
-
Утре и задутре посебен режим на сообраќај во Скопје и на патот ГП Блаце - скопска обиколница
-
Тројца осомничени за пожарот во Кочани одат во куќен притвор