Македонија
14. May 2020 - 14:38

ДИК бара почитување на Изборниот законик, за прочистување на Избирачкиот список е потребен еден месец

Избирачкиот список ќе се отвора одново и ќе се ревидира за изминативе месеци од кога без одложени изборите. Ова е заедничкиот став со кој настапиле членовите на Државната изборна комисија пред шефот на државата Стево Пендаровски. ДИК дополнително денеска ќе му достави и писмен извештај на Претседателот што од изборните дејствија е направено, а што треба да се направи согасно изборните правила за да бидат организирани изборите.

Неофицијано, во извештајот, најголем дел ќе биде посветен токму на Избирачкиот список. Дејствијата за него ќе се повторат и тоа согласно роквите од Изборниот законик. Како што откриваат членови на ДИК, ќе биде потребно ден до два МВР да даде податоци за нови полнолетни граѓани и починати, потоа 8 до 10 дена ќе бидат потребни за обработка на списокот од страна на Статистика, 15 дена за јавен увид од страна на граѓаните, 3 дена за контрола од политичките партии, 3 дена за печатење. Вкупно за овој процес би биле потребни повеќе од 30 дена.

Не исклучено дел од овие рокови да се поклопат и со текот на изборната кампања. Кандидатските листи засега според ДИК остануваат исти како за изборите од 12 април. За здравствените протоколи за време на кампањата и денот на гласање до крајот на недела ќе има состанок меѓу ДИК и здравствените власти.

Сите овие изборни правила се очекува да бидат опфатени со нова владина уредба за избори. Сепак, уредбата нема да биде донесена се додека не се донесе политичка одлука за датумот кога би се одржале изборите. Не исклучено дел од изборните дејствија поврзани со Избирачкиот список да почнат и во текот на вонредната состојба.

Од друга страна партиите и понтаму ги држат истите ставови. Од СДСМ велат избори мора да има до крајот на јуни.

Од ВМРО-ДПМНЕ пак, велат здравствената состојба се уште не е погодна за избори.

Здравствените власти веќе објавија дека ќе побараат продолжување на вонредната состојба што завршува во сабота, а Пендровски утре по состанок на Советот за безбедност ќе одлучи дали ќе го прифати ваквото барање. На почетокот на наредната недела пак, се најавува нова лидерска средба.