Македонија
29. January 2020 - 10:25

Дијалогот „Жан Моне“ во петок на иста маса ќе ги седне лидерите на седум политички партии

Не седнаа на иста маса за законот за ЈО, но ќе седнат за собранискиот Деловник. Во петок лидерска вечера во рамките на дијалогот „Жан Моне“.

Лидерите на седумте парламентарни партии кои предводеа коалиции или самостојно обезбедија влез во парламентот во 2016 година. Работната вечера ќе се одржи во рамки на новата сесија од дијалогот „Жан Моне“, која ќе почне в петок попладне, а ќе заврши в сабота.

Главна тема на дискусија се измените на собранискиот Деловник, што овој пратенички состав не успеа да ги донесе досега, а чија примарна цел е ограничување на времетраењето на конститутивната седница на парламентот, со цел да се превенираат настани како на 27 април 2017 година. Иако меѓу парламентарните партии има консензус, конститутивната седница да не трае подолго од два дена, вклучително со изборот на претседател на Собранието, сега, според информациите од парламентот, главен камен на сопнување е тоа што и во Деловникот треба да се смени името на државата, односно Собранието да биде Собрание на Македонија. Тоа не е прифатливо за ВМРО-ДПМНЕ.

По завршувањето на правта дебата во петок, која ќе се одржи во една од собраниските сали, предвидена е заедничка средба и вечера на партиските лидери со европарламентарците што доаѓаат во Скопје. На средбата се поканети претседателите на СДСМ – Зоран Заев, на ВМРО-ДПМНЕ – Христијан Мицкоски, на ДУИ – Али Ахмети, како и лидерите на ДПА, Алијансата на Албанците, Беса и на Алтернатива – Мендух Тачи, Зијадин Села, Биљал Касами и Африм Гаши. Според најавите, на вечерата, амбасадорот на ЕУ во Скопје Самуел Жбогар ќе има презентација на новата методологија за проширување на Унијата. Тој, деновиве, при презентацијата на приоритетите на хрватското претседателство со ЕУ во парламентот, посочи три приоритети на овој состав на законодавниот дом до неговото распуштање: донесување на законот за јавно обвинителство и на измените на Изборниот законик, според препораките на ОБСЕ/ОДИХР, како и продолжување на процесите во рамки на дијалогот „Жан Моне“.

Во овој формат, партиските лидери последен пат се видоа лани во октомври, на средба што ја иницира претседателот Стево Пендаровски и која се одржа во неговата резиденција на Водно. До таа лидерска средба дојде по француското „не“ за почеток на преговорите на Македонија со ЕУ. Тогаш партиските лидери ги договорија предвремените парламентарни избори што ќе се одржат на 12 април. Претстојната лидерска средба, пак, ќе се одржи во предвечерието на распуштањето на овој собраниски состав, на 12 февруари, по што се очекува спикерот Талат Џафери веднаш да ги распише десеттите парламентарни избори во земјава. За разлика од атмосферата во која беа договорени изборите, предизборието почнува со нова надеж дека напролет може да биде исправена „есенската грешка“ на ЕУ и дека Македонија може да добие „зелено светло“ за старт на преговорите.

Во рамки на дијалогот „Жан Моне“, кон крајот на оваа седмица доаѓаат неколкумина парламентарци од новиот состав на Европскиот парламент. Меѓу нив е и новиот известувач на ЕП за Македонија Илхан Кјучук. Во дебатата ќе учествуваат и европратениците Андреас Шидер и Марион Валсман од Делегацијата во мешовитиот парламентарен комитет ЕУ – Македонија.