Дијабетичарите останаа без инсулин поради проблеми со шифри и кодови
Инсулин во аптеките има, но поради тоа што е внесен со двојни шифри, не може да се издаде на пациентите. Дијабетичарите кои примаат виктоза, веќе трет месец не им е достапен, со образложение од Министерството за здравство, дека ќе биде заменет со друг медикамент, но засега тие не примаат соодветна терaпија. Од Сојузот на здруженија на дијабетичари се пожалија и дека се игнорирани од системот “Мој термин“.
-Не може да разбереме, како е можно повеќе од 3 месеци, суштински да се префрла од едни на други одговорноста, а при тоа во пракса нашите членови се приморани по неколку пати во месецот да се обраќаат до Центарот за дијабетес, по неколку пати да одат до аптеките за да проверат дали инсулинот го има физички и дали можат да го земат или не. Исто е и со ленти и лаценти. Дали веќе се стави во систем и се сменети и кога ова ќе заврши, не знаеме -изјави Диме Велев, претседател на Сојуз на здруженија на дијабетичари.
Во Македонија има над 50 000 приматели на инсулинска терапија и доколку не ја примаат има голема веројатност да развијат коморбидитети.
-Инсулинот за 50 000 луѓе во државата значи живот. Таа капка е драгоцена. Што ако си дозволи „утре“ да нема 20 единици да стави, значи тој човек ќе си замине-изјави Драган Станковски, претседател на здружението „Сончева светлина“ - Демир Хисар.
Од Министерството за здравство информираат дека поради промена на софтверот за нов вид на инсулински продукти- игли тип 1 и тип 2, како и апаратчиња за мерење гликемија кои не ги препишува лекар, туку системот сам ги генерирал, во изминатиот период не се издавале. Проблемот ќе бил надминат и веќе од вторник инсулинските продукти ќе им бидат достапни за пациентите.
-
Трајан Ристовски
Сите содржини од овој новинар