Македонија
11. August 2023 - 16:38

Дијабетичарите ќе го тужат Министерството за здравство откако поминаа роковите кои им ги вети Меџити

Дијабетичарите ќе го тужат Министерството за здравство зошто осум месеци се оставени без ленти, игли, апарати за мерење шеќер во крвта, а ги нема ниту најавените сензори за децата. И покрај протестот и средбата со Фатмир Меџити пред 3 недели на која добиле ветување дека во најскоро време ќе биде обезбедена неопходната Антидијабетна терапија, истата се уште ја немаат. Затоа од Сојузот на здруженија веќе стапиле во контакт со адвокати и на сите членови кои сакаат да тужат ќе им обезбеделе правна поддршка.

- Прво ќе поднесеме претставки до Министерството за здравство. Сите што добиле од специјалист извештај за инсулин, за ленти, за глукомери и за антидијабетна терапија преку адвокат претставките ќе ги достават до министерството. Доколку министерството не одговори со позитивен одговор, ќе тужиме, изјави Димче Велев, претседател на Сојузот на здруженија на дијабетичари.

Од Сојузот вчера испратија и јавно протестно писмо во кое посочуваат дека се игнорирани, дискриминирани и понижени од здравствените власти кои наместо да им го олеснат животот, 136.000 дијабетичари биле доведени во ситуација дали ќе се разбудат следното утро поради недостигот на антидијабетна терапија веќе осум месеци.

Од Министерството за здравство не прецизираат кога конкретно дијабетичарите ќе ги добијат лентите и глукомерите.

- Склучен и договорот за набавка на ленти и глукометри за пациенти со тип 1 и тип 2 со дијабет, по што следи законскиот рок за испорака во инсулинските аптеки. Во однос на сензорите за континуирано мерење шеќер во крвта, завршена е постапката и во тек на наредната недела ќе бидат склучени договорите, по што ќе следи нивна испорака, одговорија од МЗ и додаваат дека во сите инсулински аптеки има доволно инсулин и игли.