Македонија
17. January 2017 - 15:15

Дезинфекција и чистење на училиштата во Кочани

Кочанските основни и средношколски установи деновите од  зимскиот распуст на учениците ги користат за вршење дезинфекција, дезинсекција и дератизација во училиштата.

Целта на оваа акција е да се преземат превентивни мерки за спречување и сузбивање на заразните болести кои можат да попречат во нормалното одвивање на образовниот процес.

- Вршиме генерално чистење на сите простории во училиштето, вршиме целосна дезинфекција, а денеска очекуваме и да дојдат  да вршат дезинфекција и од Центарот за јавно здравје Кочани, така што ги правиме последните подготовки со цел  во подобри услови да ги пречекаме учениците во второто полугодие. За среќа, можеби заради тоа што зградата на нашето училиште е постара, немавме пукања  и штети на цевките и водоводната  инсталација и не се соочивме со истите проблеми што ги имаа дел од училиштата во Кочани, рече Веселинка Ампова, в.д. директор на ОУ „Никола Карев“.

Оваа мерка е задолжителна во општинските основни училишта и се спроведува секоја година за време на отсуството на учениците од настава. Покрај овие, се преземаат и вонредни мерки за зголемување на нивото на хигиената во објектите, набавени се средства за одржување на тоалетите и доволна количина на течен сапун за одржување на личната хигиена на учениците и на вработените.

Поради ниските температури во изминативе неколку дена дел од кочанските училишта се соочија со  проблеми како пукнати цевки на парно греење, замрзнати цевоводи и тоалети, штети што одговорните  ги санираат  во деновите од зимскиот распуст за достоен пречек на учениците во второто полугодие.