Македонија
9. May 2023 - 16:37

Девојчињата од Струмица пронајдени и суспендирани од идни екскурзии

Двете ученички од Босилово не се изгубиле за време на екскурзијата, туку најверојатно тие го напуштиле автобусот пред да тргнат назад од Скопје. 

15 минути пред заминување кога била правена и проверка од страна на нивните претпоставени тие биле во автобусот заедно со останатите ученици, кога и како го напуштиле засега не е познато. 

Директорот на училиштето „Гоце Делчев“ во кое учат девојчињата вели дели и тие не ги знаат ниту причините ниту мотивот за напуштање на автобусот и тоа ќе го утврди истрагата на полицијата.

Од училиштето „Гоце Делчев“ ја исклучуваат секоја можност за пропусти во организацијата на патувањето бидејќи и од нивна, но и од страна на агенцијата која го вршела превозот биле запазени сите протоколи за ваков тип на екскурзии кои се дел и од редовната програма за работа.

Двете ученички на возраст од 12 и 14 години кои заедно со нивни соученици биле на екскурзија во Скопје за исчезнати беа пријавени вчера околу 16 часот. 

Случајот во полиција го пријавила нивната наставничка. Трагата им се губи во Веро Џамбо, а скоро девет часа интензивно се трагаше по нив. Освен МВР во потрагата се вклучија и голем број граѓани кои од струмичко самоиницијативно тргнаа кон Скопје. 

После полноќ девојчињата се пронајдени во близина на Стара рампа. Според информациите од МВР тие се во добра состојба, но поради возраста не соопштуваат повеќе детали.