Македонија
2. February 2020 - 19:26

Детектор: Каква е безбедноста на работните места,секој 5-ти работник жртва на мобинг

Секој петти работник во Македонија бил жртва на мобинг на работното место. Ова го покажува најновото истражување на јавното мислење кое за Детектор го спроведе Институтот за политички истражувања Скопје. Според истражувањето, 21,5% од анкетираните велат дека или тие, или некој нивни близок бил жртва на мобинг на работно место. Генерално, граѓаните сметаат дека условите на нивното работно место се безбедни за нивното здравје и живот. Небезбедно се чувствуваат само 10% од граѓаните.

Според граѓаните најризична професија имаат рударите, на второ место се градежниците.

44,8% од анкетираните познаваат некој кој се разболел или повредил на работното место. Само 22,4% од граѓаните сметаат дека оние кои ќе се повредат на работното место добиваат и соодветно обесштетување.

Близу половина од граѓаните се на став дека фирмите кои не и исполнуваат условите за заштита при работа не добиваат соодветна санкција. Над половина од анкетираните велат дека не знаат каде може да се обратат доколку бидат повредени нивните права за заштита при работа.

Две третини од граѓаните велат дека за нив е многу значајно да се реши проблемот со стандардите за заштита при работа. 43,9% од анкетираните сметаат дека со влезот на Македонија во Европската Унија, полесно ќе се надмине проблемот со стандардите за заштита при работа, 26,7% од анкетираните сметаат дека членството во ЕУ нема да направи разлика.

Истражувањето на јавното мислење по нарачка на Детектор телефонски го спроведе Институтот за политички истражувања Скопје врз репрезентативен примерок од 1105 испитаници во периодот од 8 до 11 јануари годинава со маргина на грешка од плус-минус 3%.